Честитка од претседателот Пендаровски до христијанските верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник – Божик, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх и до сите верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Дозволете ми, на сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар, да ви го честитам големиот празник и да ви посакам празничните денови да ги минете во мир и во хармонија, исполнети со радост и со среќа.

Празникот на Христовото Раѓање секогаш асоцира на време поминато во прегратка на најблиските, среде топлината на нашите домови. Да ја испочитуваме традицијата и годинава да прославуваме во рамките на најтесното семејство, да избегнуваме движења, собирања и да придонесеме со своето одговорно однесување за запирање на ширењето на пандемијата на Ковид-19 и за зачувување на животите и на здравјето на нашите сограѓани. Нека големината на овој празник и неговото значење ни бидат духовна поткрепа и надеж за надминување на кризата и за конечно враќање на нормалното секојдневие.

Се надевам дека ќе успееме да ја зачуваме енергијата и светлината на божиќните празници преку целата година, останувајќи грижливи, солидарни и хумани, постојано имајќи добра мисла и дарувајќи љубов.

Христос се роди!

Стево Пендаровски