Шекеринска: Во годината во која очекуваме добри вести за нашата татковина упатуваме пораки за обединетост и успех

По повод христијанскиот празник Богојавление – Водици, владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска во чиј состав беа и министерката за финансии, Нина Ангеловска и заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски денес присуствуваа на централната манифестација – фрлањето на крстот во водите на реката Вардар во Скопје.

“Дозволете ми во мое лично име и во име на владината делегација и Владата на сите христијани да им го честитам празникот Богојавление и да им посакам среќа, радост и успеси”, изјави притоа министерката Шекеринска.

Министерката рече дека фрлањето на крстот е дел од нашите христијански обичаи, но и од традициите на македонскиот народ кои што секоја година ги прославува. “Тие се победа над искушенијата и доказ дека ако си издржлив, ако си упорен, успехот следи”, додаде Шекеринска.

“Во овие моменти сакаме да ги упатиме пораките на обединетост, пораките на спокој, радост, среќа и успех. Ова е година во која што очекуваме добри вести за нашата татковина. Во тоа име денес навистина ми беше задоволство со голем број граѓани на Скопје да бидеме тука и да го прославиме овој ден”, истакна министерката.

Во име на Владата Шекеринска му подари пригоден подарок на Христијан Ниновски кој оваа година го фати крстот.  

Во рамките на активностите на министрите во Владата на Република Северна Македонија по повод верскиот празник Богојавление – Водици, министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше на манифестацијата што беше организирана во Охрид.