16/04/2024
Македонија

Арсовски и Хоџа: Сè е подготвено за отпочнување на теренското попишување, населението со доверба ќе ги прими попишувачите

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 103-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста.

На прес-конференцијата портпаролите истакнаа дека сè е подготвено за отпочнување на пописните активности на терен на 5 септември.

Информираа дека во сите комисии на 50-те пописни реони завршија обуките на реонските инструктори и потоа и на реонските попишувачи. Во деновите до недела, кога во 8 часот утрото попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено.

Беше посочено дека меѓу учесниците во пописните активности владее позитивно расположение и сите со нетрпение очекуваат да отпочне оваа голема и долгоочекувана статистичка операција.

„Сигурни сме дека населението со доверба ќе ги прими попишувачите и ќе ги даде потребните податоци кои ќе овозможат подобра иднина за сите нас и за земјата во целина“, истакнаа портпаролите на Владата.

Портпаролите информираа дека на последната  седница Владата ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест КОВИД-19, при што од денеска освен за влез, домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат:

– Сертификат за примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или
– Потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
– негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Северна Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

Доколку не биде приложен ниту еден од овие документи при влез во државата патниците  одат во задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена, а карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.

Овие дополнителни мерки не важат за нашите возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ нашата држава.
 
Одговарајќи на новинарски прашања за дополнителните мерки со кои се спречува ширењето на КОВИД-19, портпаролите појаснија дека со мерката со која се бара сертификат за вакцинација, потврда за прележан КОВИД-19 или негативен ПЦР тест е наш придонес за поддршка на масовната имунизација како најсоодветен одговор за спречување на ширењето на вирусот.

„Мерката е израз и нашата определба да направиме сѐ што е потребно нашата земја да се препознае како земја која води активни политики за имунизација и која не треба да се препознава како земја извозник на вирусот. Треба да се има предвид дека постапката за обезбедување доказ за вакцинација или за прележан КOВИД-19 е вообичаена постапка за проверка на граничните премини при влез во огромен број европски и светски земји која граѓаните секако треба да ја испочитуваат и со тоа оваа мерка веќе во голем процент и се спроведува“, истакнаа портпаролите.

Портпаролите на сите ученици, особено на првачињата им го честитаа почетокот на учебната година и посочија дека Владата по предлог на Комисијата за заразни болести донесе одлука првите две седмици од учебната година во средните училишта во општините Тетово и Гостивар да се одвива онлајн  настава, а во средните училишта во општините Кичево и Струга одлуката важи само за првите седум дена.

На новинарско прашање за владината одлука времено да им се пружи заштита на  граѓани на Авганистан, кои се наоѓаа во животна опасност, портпаролите истакнаа дека со овој гест Владата учествува во една голема светска хуманитарна операција и дека граѓаните на нашата земја треба да бидат горди на тоа, бидејќи се помага на луѓе кои се наоѓаат во животно загрижувачка ситуација.

Портпаролите посочија дека станува збор за граѓани вработени во меѓународни организации, кои во Северна Македонија престојуваат само одреден период до нивната крајна дестинација, а нашите институции прават сѐ за да им пружат топло добредојде и да им овозможат пријатен престој во текот на овој период