19/04/2024
Македонија

Бектеши: Има доволно количини на храна, цените на основните прехранбени производи и горивата ќе се намалат

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја посети фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип и направи увид како се спроведуваат одлуките кои што ги донесе Владата по предлог на Министерството за економија за заштита на домашното производство на основни прехранбени производи.

Министерот Бектеши истакна дека домашните капацитети за производство на оснивни прехранбени производи се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

„Има доволно количини на основни прехранбени производи од домашно производство. Северна Македонија има многу подобри цени споредено со земјите во регионот, а цените дополнително ќе се намалат во наредниот период и како резултат на одлуката за намалување на маржите и како резултатите на намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи од 5% на 0% за што законското решение беше донесено вчера од страна на пратениците во Собранието“ кажа министерот Бектеши.

Министерот информираше дека и денеска до крај на денот се очекува и намалување на цената на нафтените деривати, кое се очекува да продолжи и во текот на наредната недела.

„Ги повикувам сите компании и сите чинители во државата да се солидаризираат и заеднички придонесат да ја пребродиме оваа глобална криза со најмали штети врз граѓаните и врз економијата“, кажа министерот Бектеши.

Од менаџментот на „Брилијант“ потенцираа дека ги следат одлуките кои што ги носи Министерството за економија и најтранспарентно ги спроведуваат.
„Нема да има недостиг на масло за јадење, има доволно залиха и производство. Нема потреба од паника кај граѓаните да купуваат големи количини. Ние како производител на масло за јадење ги следиме и најтранспарентно ги спроведуваме одлуките на Министерството за економија“ кажа Сашо Наумовски, генерален директор на „Витаминка“ во чија сопственост е фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“.