28/03/2024
Македонија

Владата го означи стартот на скрининг процесот за пристапување кон ЕУ, и ги назначи д-р Бујар Османи за главен политички преговарач и шеф на делегацијата за преговори со Европската Унија, и м-р Бојан Маричиќ за негов заменик

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 79, тематска седница со единствена точка на дневен ред – Информација за концептот и структурата на преговори за пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

На седницата, во насока на обезбедување на соодветна подготовка и координација на пристапните преговори за членство во Европската Унија, Владата го назначи д-р Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања за главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија.

За заменик на главниот политички преговарач, како главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим, Владата го назначи м-р Бојан Маричиќ, посебен советник за евро-атлантски интеграции во Канцеларијата на претседателот на Владата.  

Како трет заклучок од оваа седница, Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања во координација со Канцеларијата на претседателот на Владата и Министерството за надворешни работи, а по претходна консултација со сите засегнати страни, да подготви Информација со предлог на концепт за преговарачка структура и соодветни акти до крајот на месец јули 2018 година и истите да ги достави за усвојување до Владата.

На оваа 79-та седница на која се усвоени овие заклучоци, и на која присуствуваше и еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија Јоханес Хан, придружуван од амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, претходеше обраќање на премирот Зоран Заев, кој истакна дека само три недели после објавената голема вест дека Република Македонија доби датум за почеток на преговори со Европската Унија, на оваа седница на Владата на Република Македонија, ги утврдува концептот и структурата на преговорите за пристапување кон полноправно членство на нашата земја во ЕУ, и со тоа го означувае стартот на скрининг процесот.

„Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на Европската Унија рекоа: Да, земјата го заслужува тоа! Европскиот Совет прифати дека Република Македонија од заробена држава, киднапирана од авторитарен режим, за само една година направи пресврт.

За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог. Со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде силен импулс со датумот за преговори за Република Македонија“, истакна премиерот Заев на владината седница.

Претседателот на Владата на РМ Заев, додаде дека во претстојниот период останува да покажеме напредок во однос на институционалната демократија, политичка стабилност и доброто владеење – со услови за независно судство, за слободата на изразување, за ефективна влада и јавна администрација, и со јасна определба за борба против корупцијата, кои, истовремено, ќе бидат големи придобивки за сите наши граѓани. 

„Сите носат подеднаква одговорност во периодот пред нас. Се разбира како приоритет на оваа Влада, во име на националните интереси на државата и на нејзините граѓани, најголема е одговорноста на Владата, но еднаква одговорност треба да прифатат и пратениците во Собранието, вработените во судството, пратиите и лидерите на опозицијата, академската и бизнис заедницата, граѓанското општество и медиумите. Отсега натаму, секој придонес е битен и суштински. Оваа генерација македонски граѓани одлучи да решава предизвици. За себе, за идните генерации, заради иднината“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев потенцираше дека граѓаните на Република Македонија, во духот на европската демократска традиција, кога станува збор големи национални одлуки – на референдум ќе се изјаснат за договорот со Република Грција и за иднината на нашата земја.

„Европски е да му дадеме шанса на решението за нашата иднина. Без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни: Со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш, ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развојни земји“, нагласи Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, на седницата на која е означен стартот на скринингот, и на која се избрани главниот политички преговарач и шеф за преговори со ЕУ, д-р Бујар Османи, и неговиот заменик и шеф на техничкиот преговарачки тим, м-р Бојан Маричиќ.

На оваа седница пред членовите на Владата на РМ се обрати и еврокомесарот Хан кој истакна дека ова е уште еден важен ден во низата успешни совладани одредници на Република Македонија, кои доаѓаат како резултат на силната посветеност за успех на реформите и на лидерството и одлучноста во процесот на пристапување на земјата во челнството во Европската Унија.

На седницата со свои обраќања учествуваа и Заменик Претседателот на Владата д-р Бујар Османи, и отсега натаму и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров.