29/03/2024
Македонија

Влада: Засилени контроли за спречување на евентуални манипулации со храна и гориво

Владата на Република Северна Македонија ги информира граѓаните дека од страна на Управата за финансиска полиција, заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи се спроведуваат засилени и сеопфатни контроли за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и горива.

Инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и на правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати на територија на целата држава се спроведуваат со цел да нема застој во снабдувањето со прехранбени производи, овошје, зеленчук, енергенси и да не се создава паника кај потрошувачите.

Контролите се сеопфатни и затоа се делува координативно и пред сé кај дистрибутивните центри, односно трговците на големо и оние маркети кои имаат сопствени магацини и дистрибутивни центри од каде што се преземаат производите. На овој начин ќе се надминат сомнежите дека не се дополнуваат рафтовите со производи, иако ги има на залиха и токму затоа се прават контроли во дистрибутивните центри на големо.

Владата апелира дека во овие услови никој не смее да профитира на грбот на граѓаните.

Владата заедно со надлежните институции информира дека со излегувањето на терен и засилените контроли веќе се нормализира состојбата. Храна, гориво и енергенси има доволно, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата.