29/03/2024
Македонија

Владина делегација се поклони пред спомен обележјата во Смилево во чест на Денот на Републиката

Традиционалното чествување на Илинденските празници и оваа година се одржа и во Смилево, во Општина Демир Хисар.

Во чест на Смилевскиот конгрес, на кој била донесена конечната одлука за организирање и кревање на сенародно востание на целата територија на тогашна Македонија, програмата за одбележување на 2 Август – Денот на Републиката и на Илинден започна со положување цвеќе на могилата на Даме Груев, на Споменикот на смилевските илинденци и на спомен плочата на смилевскиот партизански одред, по што беше организирана и посета на меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес.

Владината делегација на програмските содржини во Смилево ја предводеше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, придружуван од заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска.

Во своето обраќање во рамките на програмските содржини во Смилево, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кој, меѓу другото, истакна дека денеска се поклонуваме пред храбрите македонски револуционери, кои ја создадоа првата Република на Балканот.

„Од Смилево, родното место на Даме Груев, почнува новата македонска историја. Овде е донесена одлуката за борба и од овде, од Балканот се слушна гласот за македонскиот народ кој се одликува со голема храброст, визионерство и почит кон сите вери и нации“, нагласи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во своето обраќање од свечената програма по повод 2 Август – Денот на Републиката во Смилево.