19/04/2024
Македонија

Внимавајте на децата во сообраќајот! – е предизвикот и пораката која преку игра ја испраќаат децата до возачите!

Внимавајте на децата во сообраќајот! Детската љубов нема граници, детскиот живот нема цена! – е предизвикот и пораката која преку игра и забава преточени во танцот на песната Јерусалема ја испраќаат децата од ООУ „Невена Георгиева – Дуња“- Скопје до возачите.

По успешното спроведување на едукативната работилница реализирана во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“- Кисела Вода, Скопје, а која е во рамки на кампањата за сообраќајна едукација на децата  „Остани безбеден“, денес РСБСП  промотивно го објавува музичкиот спот на песната Јерусалема, снимен во наведеното училиште. Преку игра и забава, дечињата облечени во  рефлектирачки  елеци на кои пишува „Вози одговорно“,  заедно со полицајците,  испраќаат порака до возачите, да внимаваат на децата во сообраќајот.

Воедно, децата со носењето на заштитни маски за лице испраќаат и порака за заштита на здравјето од вирусот Ковид – 19, и укажуваат дека истите потребно е секојдневно да се носат. За учествотото во спотот, голема благодарност до полициските службеници, до учениците од второ одделение од  училиштето и нивните наставнички. За одлично направениот спот, благодарност и до продукцијата „Фабрика“.

За потсетување, кампањата „Остани безбеден“, во училиштето „Невена Георгиева – Дуња“ ја спроведоа: Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и полициската станица Кисела Вода,  со  поддршка од Општина Кисела Вода и Mисијата на ОБСЕ.