28/03/2024
Македонија

„Волонтираме за солидарно општество“ продолжува со поддршка на најранливите категории на граѓани

Во рамки на хуманитарната акција „Волонтираме за солидарно општество“,  под мотото  „Тука сме, ѝ служиме на заедницата, си помагаме едни на други!“ #ТукаСме #ЕдниЗаДруги, сопругата на Претседателот,  Елизабета Ѓоргиевска заедно со волонтери од партнерски организации, учествуваше во подготовка на хуманитарни пакети за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Во проектот којшто се реализира под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, партнерски организации се: Црвен крст на Република Северна Македонија, Иницијативата  #РетвитниОброк, Здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци  „Љубезност“, Здружението за хумано-општествен развој – Проект „Среќа“, како и „Храна за сите – Банка за храна“.

Целта на хуманитарната акција е преку вклучување на граѓаните, општествено одговорните компании, граѓанските организации, дипломатските претставништва во Република Северна Македонија, како и меѓународните организации и институции, во согласност со своите можности и ресурси,  заеднички да се даде неопходната помош на што поголем број наши сограѓани.

Во досегашниот тек на хуманитарната акција „Волонтираме за солидарно општество“ се вклучија десетина општествено одговорни компании, едно дипломатско претставништво и граѓани. Приемот на производи се одвива секој понеделник и среда, а дистрибуцијата на истите до најранливите категории на граѓани се врши секој петок во канцеларијата на Претседателот „Млади хаб“.