24/04/2024
Македонија

Во справувањето со африканската чума кај свињите АХВ доби експертска поддршка од Европската комисија

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, деновиве одржа работен состанок со експерти од Ветеринарниот тим за итни случаи на Европската комисија (ЕУВЕТ ), обучени за ефикасно справување при првична појава на болести кај животните во земјите членки на ЕУ и во трети земји, кои од 2 до 4 февруари ќе ја спроведат експертската мисија и ќе и дадат помош и поддршка на АХВ во справувањето со африканската свинска чума. На состанокот присуствуваа и претставници од секторите за здравствена заштита и благосостојба на животните и за инспекциски надзор.

Од 2019 година имплементирани се сите превентивни мерки за заштита од појава и ширење на африканската свинска чума во земјава. По потврдувањето на болеста на 6 јануари годинава, преземени се сите контролни и заштитни мерки во зоната од 3 километри, а активностите со поголема динамика продолжуваат и во зоната под надзор во  радиус од 10 километри од жариштето. За среќа, засега немаме потврда на нови случаи на присуство на вирусот, но, имајќи ја во предвид природата на болеста, нема да ги намалиме активностите на терен, напротив ги засилуваме за што имаме целосна поддршка и од Владата на Република Северна Македонија .– истакна директорот Бабовски. 

Покрај дефинираните мерки со донесените две решенија за имплементирање на контроли и заштитни мерки за спречување на ширење и ставање под контрола на болеста африканска свинска чума, додаде тој, ќе бидат донесени и нови мерки, за кои поддршка даде и Владата.

На високо ниво е политичката поддршка која ја имаме, а и соработката која ја имаме со другите институции, со науката, ловечките здруженија, бизнис заедницата и одгледувачите на свињи, но и со локалното население во заразеното подрачје и пошироко. Ова влева надеж дека првиот случај на африканска свинска чума во земјава ќе биде и последен, иако опасност секогаш постои.

– додаде директорот Бабовски и потенцира дека од оваа експертска мисија очекува дека во мерките за справување со африканската свинска чума кои АХВ ќе ги преземе во иднина ќе бидат имплементирани и искуствата во борбата со овој вирус кои го имаат земјите членки на ЕУ.

Експертите од ЕУВЕТ изразија подготвеност стручно да помогнат и да ги споделат искуствата со справувањето со болеста во нивните земји, потенцирајќи дека ќе се фокусираат на практичните аспекти. Акцент во справувањето со болеста додадоа тие треба да се стави на малите фарми и индивидуалните одгледувачи, но пред се на дивата популација како резервоар на вирусот.

На денешниот состанок презентирани беа надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во справувањето со болеста, моменталната состојба со вирусот на терен и мерките кои досега се преземени. Презентирана беше и состојбата во индустријата за свинско месо, која од домашно производство комплетно ги покрива потребите за свежо свинско месо на домашниот пазар.