25/04/2024
Македонија

Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на ЈИЕ-СЕПКА

На 10 и 11 декември во Скопје во Клубот на пратеници се одржа второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа – СЕПКА во рамки на претседавањето на Република Македонија со оваа асоцијација. На средбата учествуваа директори и заменици директори на полициските служби од сите земји членки на СЕПКА, како и повеќе меѓународни и регионални организации кои се партнери на Асоцијацијата.

,,Ова е втор настан на високо ниво организиран во рамки на претседавањето на Бирото за јавна безбедност на Република Македонија со оваа асоцијација. Како домаќин на оваа средба би сакал да ја искористам оваа можност да изразам искрено задоволство од вашето присуство и пред сé, задоволство од посветеноста во однос на одржувањето на постоењето и функционирањето на оваа асоцијација, но и да се заблагодарам на партнерите од австриското министерство за внатрешни работи и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија што поддршка ја спроведуваме оваа конференција. Сите сме повеќе од свесни дека организираниот криминал не познава граници, истиот е во постојано движење, а обезбедувањето на сигурна и безбедна средина за живеење за нашите граѓани може да се реализира единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка и побрза и поефикасна размена на информации на билатерално и мултилатерално ниво. Сузбивањето на најголемото зло – тероризмот и транснационалниот криминал, кои претствуваат глобален предизвик во целиот свет побарува сериозен пристап, меѓуинституционална соработка и соработка помеѓу полициите не само од земјите од регионот, туку и пошироко. Во рамки на постапувањата на Бирото за јавна безбедност и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во целина – меѓународната полициска соработка е од исклучителна важност при идентификување, профилирање и сузбивање на криминални групи и мрежи кои делуваат на меѓународно ниво. Добрите пракси од меѓусебна полициска соработка на полициски службеници од региониот од изминатите години продолжува и понатаму, а резултатите се потврдуваат со самите реализации, рече директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во своето поздравно обраќање пред присутните шефови на полиции од регионот.

Тасевски потенцира дека меѓународната полициска соработка која е веќе воспоставена и која успешно се применува, би требало да продолжи и во иднина, заради остварување на заедничката цел – ефикасна борба во сузбивање на организираните криминални групи и тероризмот. Директорот Тасевски даде поддршка за спроведување на натамошни активности во рамки на Асоцијацијата во кои Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и натаму останува координатор во нивното спроведување. Ова беше второ и последно Генерално собрание на СЕПКА одржано во рамки на претседавањето на Република Македонија со асоцијацијата во 2018 година. Следен претседавач е Молдова.