29/03/2024
Македонија

Глобално обединети можеме да обезбедиме храна за сите е заклучокот од министерската конференција во Берлин „Uniting for Global Food Security“

Во пресрет на претстојниот Самит на Г7, владите, меѓународните и регионалните организации, мултилатералните развојни банки, невладините организации и филантропите се собраа денеска во Берлин за да се обединат за глобална безбедност на храната – да направат критички преглед за напредокот постигнат во заедничките напори да се надмине глобалната криза за безбедност на храната и да се здружат силите во напредувањето во овој заеднички потфат.

На министерската конференција учествуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски кој имаше свое обраќање. Во текстот подолу ви ги пренесуваме заклучоците од конференцијата.

Презентираните извештаи на Глобалната група за одговор на кризи за храна, енергија и финансии на генералниот секретар на Обединетите нации прикажуваат драматична слика: од 1,7 милијарди луѓе во 107 држави погодени од оваа криза, 1,2 милијарди луѓе ќе бидат изложени на ограничени финансии, нагло зголемување на цените на храната и зголемување на цените на енергијата.

Учесниците го споделија уверувањето дека оваа повеќедимензионална криза бара заеднички и ефективен глобален одговор кој ќе комбинира дипломатија, хуманитарна помош, развојна соработка, како и политики за земјоделство и храна. Сите учесниците ја сигнализираа својата подготвеност да преземат одговорност и да продолжат тесно да соработуваат за постигнување на заедничка цел. Тие го поздравија раководството на генералниот секретар на Обединетите нации за координирање на напорите за надминување на кризата преку Глобалната група за одговор на кризи за храна, енергија и финансии. Тие, исто така, го поздравија одговорот на Г7 на кризата, вклучително и создавањето на Глобалната алијанса за безбедност на храната и суштинските подготовки за претстојниот Самит на Г7. Глобалната алијанса за безбедност на храната е дизајнирана да биде клучна платформа за поттикнување соработка, водена од заедничкото верување дека сите мора да работат заедно за да ја надминат оваа бура.

Бидејќи глобалната криза бара глобален одговор, тие се обврзаа да воспостават силни партнерства во рамките на Глобалната алијанса за безбедност на храната и пошироко, со цел да се осигураат дека никој нема да остане занемарен. Глобалната алијанса за безбедност на храната и нејзините работни групи ќе помогнат да се обезбеди кохезивен меѓународен одговор на кризата со безбедноста на храната и да се следат обврските преземени од учесниците на Глобалната алијанса.

Учесниците ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната во Украина, да престане со заканите и блокадите на украинските пристаништа и сите други активности кои го попречуваат производството и извозот на украинската храна, ставајќи ги животите на милиони ширум светот во опасност. Сите учесници се обврзаа да го поддржат хуманитарниот систем, секогаш кога е можно во обезбедувањето итна хуманитарна помош на луѓето загрозени од несигурност во храната, особено преку зајакнување на придонесите во Светската програма за храна. Понатаму, учесниците се согласија за клучната улога што ја играат сите агенции на ОН во Рим – ФАО, ИФАД и ВФП – во поттикнувањето на напорите на меѓународната заедница за справување со несигурноста на храната.

Беше потенцирана важноста сите земји да се воздржат од несоодветни мерки кои ја ограничуваат трговијата и да се избегнат неоправдани мерки, како што се забраните за извоз на храна или ѓубрива, кои ја зголемуваат нестабилноста на пазарот и ја загрозуваат безбедноста на храната и исхраната на глобално ниво.

Сите учесници се обврзаа да ја продолжат својата поддршка за Украина во одржувањето на нејзиното земјоделско производство, складирање, транспорт и преработка и да се развијат дополнителни извозни патишта и да се работи на дополнителни и нови решенија за житото да не заврши во отпад.

Граѓанските организации присутни на конференцијата изразија подготвеност да придонесат со своето искуство за развивање адекватни долгорочни решенија за таа цел.
Крајниот заклучок е дека земјоделците треба да се прилагодат на климатските промени за да ја заштитат безбедноста на храната. Покрај тоа, одржливото земјоделско производство треба дури и да придонесе за глобалната заштита на климата, да придонесе за биолошката разновидност, да се избегнат негативните влијанија врз животната средина и да се зајакне спроведувањето на агроеколошките и регенеративните практики, како и пристап до дигитални опции за земјоделците.

Со цел да се ублажат импликациите од следната криза, учесниците покажаа подготвеност да ги зајакнат капацитетите за споделување информации и рано предупредување, вклучително и обезбедување дополнителни средства.

Пораката од денешната конфернција е дека само силен и добро функционален мултилатерален систем ќе биде клучен за постигнување на нашите цели.