24/04/2024
Македонија

Државната матура во јуни 2021 година, заедно со матурантите и училиштата ќе обезбедиме успешно и безбедно полагање на испитите

Министерството за образование и наука информира дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура. Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено, и безбедно полагање на матурските испити.

​МОН ги известува учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета.  

Оваа учебна година за првпат, матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравстени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет.