25/04/2024
Македонија

Заев и Царовска: Креираме македонски автентичен модел на основно образование согласно најдобрите светски искуства

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска учествуваа на јавната расправа по повод реформите во образованието којашто се одржа во Собранието на Република Северна Македонија.

На јавната расправа во организација на собраниската Комисија за образование, наука и спорт учествуваа и претставници на МАНУ, на ЗЕЛС, градоначалници, наставници и професори на факултетските установи, на други општествени, образовни, политичките и другите стручни институции, претставници на граѓанските организации, како и претставници на меѓународните организации и на амбасадите на земјите што учествуваат во образовните реформи.

Премиерот Заев во своето обраќање ја нагласи заедничката, особено значајна и благородна желба за учество во оваа јавна расправа за најдобар придонес во исцртувањето на контурите на една од најзначајните реформи во нашето општество – образованието.

„Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава којшто е инспириран од веќе постоечките образовни системи во развиените земји во светот и во Европа. Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобрите европски и светски образовни искуства, на пат сме да создадеме наш македонски национален модел на основно образование“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека процесот на создавање најдобар национален модел ги зема предвид најсуштинските карактеристики на нашето општество како што се инклузивноста, еднаквоста, родовата рамноправност, мултикултурализмот и некои други прашања кои се сегменти на нашиот автентичен концептот – едно општество за сите, врз основа на кои треба да се создаде образованието како стожер на општеството што го негуваме.

„Нема да избрзаме. Ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа која е во најдобар интерес на децата. Со таков нов, иновативен и применлив образовен модел да му овозможуваме на секое дете преку образовниот процес да го постигне својот максимален потенцијал“, потенцираше во своето обраќање претседателот на Владата.

Заев нагласи дека целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа го спроведуваме со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата, со кои се трага по баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на нашите ученици.

„Ги бараме и идентификуваме најдобрите предлози за да креираме концепција за училиште што нѐ учи да учиме. Да го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и да ги поттикнеме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети“, рече премиерот Заев во своето обраќање на јавната собраниска расправа за образовните реформи.

Јавната расправа, истакна премиерот Заев, и инклузивноста во овој процес се значајни и за да се демантираат и одредените погрешни интерпретации и дезинформации во врска со првичниот Нацрт-предлог за образовната реформа. На пример, презентацијата на нацрт-концептот јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма.

„Како одговорна Влада продолжуваме да го бараме најдобриот модел за реформи во образованието, да вложуваме во наставниот кадар како значаен човечки капитал, да вложуваме во училишната инфраструктура и современите наставни средства. Сето тоа во име на грижата за учениците и студентите“, потенцираше претседателот на Владата во своето обраќање на јавната расправа за образовните реформи во Собранието.  

Министерката за образование и наука, Мила Царовска во обраќањето истакна дека заедничкиот заклучок од целиот овој процес на дебати којшто претходеше на денешната јавна расправа е дека, реформи во образованието се нужни, и овој процес не смее да запре.

„Нужни се затоа што се во интерес на сите деца во државата. Процесот не смее да запре, затоа што секоја учебна година, секој  ден во кој нашите деца учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна наставна програма нанесуваат огромни последици на младите генерации. И за тоа имаме непобитни факти како што се резултатите од домашните и меѓународните тестирања и анализи”, рече Царовска.

Министерката истакна дека според ОЕЦД, во споредба со нивните земји членки, учениците до 14 годишна возраст од Северна Македонија добиваат околу 900 саати, а слаби резултати постигнуваме и на тестирањата со читање и разбирање и математичка писменост.

Министерката во обраќањето истакна дека треба да се отфрлат сите сомнежи дека реформата нема да успее, дека немаме капацитет да ја спроведеме или пак дека е избрзана.

„Ве уверувам дека МОН и Бирото за развој на образование многу сериозно пристапија на целиот овој процес и со сигурност подготвени ќе влеземе во имплементација на реформата. Веднаш по донесувањето на концепцијата наставниот кадар ќе помине соодветна обука за новиот модел на настава. Наставниците и директорите на училиштата нема да бидат оставени сами. Ние сме ваша сила, поткрепа и поддршка затоа што сакаме сето ова да успее. Имаме и доволно капацитет и доволно време. Ни треба само силна волја и храброст да се придвижиме“, нагласи министерката за образование и наука.

Царовска рече дека е свесна дека секоја промена кај нас предизвикува чувство на неизвесност, па дури и на страв, но без промени нема напредок, исто како што без труд и учење нема знаење.

„Да влеземе храбро во овој процес и да покажеме дека сакаме напредок, сакаме подобра иднина за нашите деца и сакаме подобро образование за сите. Кога знаеме дека главниот мотив за промените ни се децата и нивите успеси, верувам дека сите ќе вложиме заеднички напори да ги совладаме предизвиците”, рече Царовска.

На јавната расправа во Собранието беше презентирана и нацрт концепцијата за реформата во основното образование од страна на претставниците на Комисијата што работеше на концептот, по што следуваше дискусијата со учество претставниците на општествените, образовните, политичките и другите стручни институции, и претставниците на граѓанските организации, со предлози и мислења кои ќе бидат вклучени во предлогот за реформа на образованието.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска учествуваше на јавната расправа повод реформите во образованието која што се одржа во Собранието на  Северна Македонија.

На јавната расправа во организација на собраниската Комисија за образование, наука и спорт учествуваа и министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници на МАНУ, на ЗЕЛС, градоначалници, наставници и професори на факултетските установи, на други општествени, образовни, политичките и другите стручни институции, претставници на граѓанските организации, како и претставници на меѓународните организации и на амбасадите на земјите што учествуваат во образовните реформи.

Обраќањето на премиерот Заев ви пренесуваме во целост:

„Ми причинува особена чест што денеска сум дел од оваа јавна расправа со најширок спектар на претставници на општествените, образовните, политичките и другите стручни институции, како и претставници на граѓанските организации. Сите нас на овој настан нѐ поврзува една единствена, особено значајна и благородна желба – да го дадеме нашиот најдобар придонес во исцртувањето на контурите на една од најзначајните реформи во нашето општество – образованието.

Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава којшто е инспириран од веќе постоечките образовни системи во развиените земји во светот и во Европа. 

Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобрите европски и светски образовни искуства, на пат сме да создадеме наш македонски национален модел на основно образование.

Во тој процес на создавање на најдобар национален модел мораме да ги имаме предвид инклузивноста, еднаквоста, родовата рамноправност, мултикултурализмот и некои други прашања кои се сегменти на нашиот автентичен концепт – едно општество за сите. Образованието е стожер на тоа какво општество сакаме да имаме.

Овие денови, додека трае интензивната јавна расправа се слушаат гласови кои велат дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат најмалку пред десеттина години затоа што како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери кои бараат образование кое ќе биде во чекор со овие брзи, динамични и прогресивни промени.

Сепак, кога велам доцниме, истовремено велам и дека нема да избрзаме. Ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа која е во најдобар интерес на децата. Со таков нов, иновативен и применлив образовен модел да му овозможуваме на секое дете преку образовниот процес да го постигне својот максимален потенцијал.
Заради тоа, за првпат во последната деценија, во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни.

Како што реков, целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа го спроведуваме со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата.

Низ инклузивен процес, во широка консултација со сите засегнати страни, се трага по баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на нашите ученици.

Ги бараме и идентификуваме најдобрите предлози за да креираме концепција за училиште што нѐ учи да учиме. Да го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и да ги поттикнеме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети.

Беа организирани посебни презентации за родители и ученици од училишта со македонски и албански јазик. 

Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, Британска, Швајцарска амбасада, Делегација на ЕУ – односно нашите стратешки пријатели кои се секогаш тука за да ги поддржат нашите реформи. 

Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование.

Одржани се средби во МАНУ, онлајн конференции со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со студентското собрание и професорите на повеќе факултети.

Јавната расправа и инклузивноста во овој процес се значајни и за да се демантираат и одредените погрешни интерпретации и дезинформации во врска со првичниот Нацрт-предлог за образовната реформа. На пример, презентацијата на нацрт-концептот јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја или други предмети, туку содржините од нив се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма.

Новиот концепт не предвидува ниту намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

Со овој реформски процес ги унапредуваме и наставниците и им овозможуваме кариерен развој.

Самата нацрт-концепција е направена врз основа на анализи, меѓународни и домашни истражувања и експертски мислења и ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование, што значи дека од самиот почеток на подготовка на концепцијата таа се прави во широк и консултативен процес.

Концепцијата е дел од Стратегијата на Министерството за образование и наука за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование, донесен пред околу една година и е дел од владината програма и од нив јасно произлегува определбата дека во образованието лежат потенцијалите за иднина. 

Затоа, како одговорна Влада продолжуваме да го бараме најдобриот модел за реформи во образованието, да вложуваме во наставниот кадар како значаен човечки капитал, да вложуваме во училишната инфраструктура и современите наставни средства.

Сето тоа во име на грижата за учениците и студентите. 

Благодарам и ви посакувам успешна дебата и размена на мислења во вид на добредојдени предлози за најдобри реформски решенија.“