23/04/2024
Македонија

Заев на настан по повод 24 мај – Ден на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во заедничка организација со Република Словачка

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое  обраќање на промоцијата на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ – Св. Кирил и на отворањето на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, како дел од содржините за одбележување на празникот 24 мај – Ден на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, што се организирани со Република Словачка.

 На настанот учествуваа и амбасадорот на Словачка во нашата земја Хенрик Маркуш, Архиепископот Кирил Васил, администратор на епархијата во Кошице, Република Словачка, Архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, господин господин Стефан, професор доктор Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Стојан Лекоски приредувач на библиофилското издание на „Проглас“ од Константин Философ – Св. Кирил, како и други високи гости од Северна Македонија и Словачка.

Во прилог на оваа соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Сите мисии на Светите браќа Кирил и Методиј биле мисии на обединување.

Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1150 години, покрај христијанизацијата на словенските народи, имала и извонредно и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење.

Во пресрет на 24 мај, денот посветен на светите браќа како сесловенските просветители, нивната мисија повторно ја покажува далекусежната визија затоа што сѐ уште ги собира и обединува словенските и другите народи на Европа.

Таков е и денешниот настан. Делото на Светите браќа Кирил и Методиј не собра уште еднаш. Oвој пат и по повод два големи јубилеја – 30 години од осамостојувањето на Северна Македонија и 100 години од раѓањето на основоположникот на современиот македонски јазик Блаже Конески.

Како покровител на овој настан, ми претставува посебна чест да ве поздравам на промоцијата на публикацијата во која е содржано словото „Проглас“ на Константин Философ, односно Свети Кирил, во која се поместени и повеќе други текстови и коментари на богослови, историчари и хроничари на делото и животот на Свети Кирил и на неговиот брат и сопатник во значајните мисии – Свети Методиј.

Како што реков, и овој настан во чест на Светите Кирил и Методиј, обединува. Овој пат ги обедини Република Северна Македонија и Република Словачка преку заедничкото издание на „Прогласот“ на Константин Философ – Свети Кирил. Но тука со нас се и гостите од Чешка и претставници на другите братски држави, обединети и преку род и преку заедничката писменост.

Ова библиофилско издание, кое за прв пат беше објавено во Словачка по повод 1150 годишнината од Великоморавската мисија на сесловенските просветители, сега доживеа и второ, дополнето издание на старословенски, словачки и македонски јазик.

Објавено е повторно од страна на Словачката народна библиотека, во соработка со издавачот Друштвото на писатели на Словачка и со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија.

Посебна заслуга за ова издание му припаѓа на господин Стојан Лекоски, наш сограѓанин кој повеќе години живее и работи во Словачка и кој се јавува како составувач и преведувач на ова дело.

Денешниот настан во пресрет на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј е збогатен и со изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“. На неа, низ фотографии и илустрации се прикажани животот и делото на сесловенските просветители и  нивните мисии меѓу Сарацените, Хазарите, Брегалничката мисија, како и нивната најзначајна мисија за Словените – мисијата во Велика Моравија.

Цел на мисиите во Европа, покрај ширењето  на словото Христово, описменувањето и просветлувањето, била теолошката апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазика – на латински, грчки и германски.

Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата. Константин Философ, кој подоцна го добива монашкото име Кирил, за основа на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, ги зема говорните карактеристики на словенско население на територијата на Македонија, во околината на родниот град на Светите браќа – Солун.

Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.

Со преведената Библија во ракопис, Светите браќа Кирил и Методиј на повик од царот Ростислав заминуваат во Велика Моравија и таму го распространуваат и утврдуваат христијанството на старословенски јазик сосема разбирлив за тамошното население. Ја развиваат препишувачката школа во тогашните манастири и ги умножуваат книгите за да им ги остават на свештениците за да ја продолжат нивната мисија.

На повик од папата заминуваат за Рим, каде што Кирил се разболел и умира на 14 февруари 869 година.

Методиј се враќа во Моравија и до смртта се посветил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт, на 6 април 885 година, неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски се враќаат меѓу јужните Словенски народи. Свети Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што во Охрид ја основа Свети Климентовата Охридска школа на ниво на прв Универзитет во Европа.

Глаголицата на Свети Кирил, која верно ги предава словенските фонетски особености, е основата на подоцнежното кирилично писмо не неговите ученици, од кое неколку века потоа се кодифицирале современата македонска азбука и јазик.

За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава Папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа.

Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничките допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира.

Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.“