23/04/2024
Македонија

Заев: Сите опции се отворени за идно коалицирање, процесот на разговори ќе го даде правецот и ќе формираме влада

Започнува процесот на разговори за формирање на ново парламентарно мнозинство и нова Влада кои во следните четири години ќе им служат на граѓаните и државата, истакна претседателот Зоран Заев во одговор на новинарски прашања, по одржување на конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија.

„Денеска ги почнуваме разговорите како што реков со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите ќе имаат средба во еден период од 10 до 15 дена од сега натаму очекуваме да има и резултати од самите преговори. Низ самиот преговарачки процес ние ќе утврдиме во кој правец треба да ги градиме идните политики. Денес јавно ги обелоденив принципите на коишто ќе разговараме за идната македонска влада и верувам дека тие принципи на еден мудар начин, паметен начин обезбедувајќи парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник. Верувам дека ќе обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое што ќе гарантира стабилна влада која што ќе има намера да опстои 4 години нешто што е важно и за економијата и за граѓаните заради нивната предвидливост очекуваме во околности кога меѓународните интеграции се заокружена работа ќе отвораме поглавја со ЕУ, НАТО е завршена работа да имаме Влада после долг период која што ќе опстои 4 години“, посочи Заев.

Во однос на коалицирањето со други политички партии, претседателот Заев посочи дека сите опции се отворени и дека процесот на разговори ќе го даде правецот за тоа кој би се приклучил на СДСМ и Коалицијата Можеме во идна коалиција

„Да оставиме времето да покаже со кого ќе можеме да направиме коалиција, односно парламентарно мнозинство што ќе ја сочини Владата. Граѓаните преку гласањето ги даваат правците и очекувањата, коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, зависи од цело едно поглавје за разработка на прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер којшто ќе биде избран, кадровскиот потенцијал пред се за правните аспекти но и за економските аспекти на државата. Ќе ги разгледаме сите можности, добро ќе одмериме и на крајот ќе ја донесеме одлуката. Сите опции се отворени во текот на овој преговарачки процес. Секако верувам дека низ преговарачкиот процес пред се сите понесени од нашата одговорност пред граѓаните кои што ни го дале мандатот како пратеници а со тоа даваат мандат за можност да создадеме парламентарно мнозинство ќе се водиме од она што е важно за граѓаните и секако ако носиме свои суети тие може да ги оставиме дома, за да можеме да им служиме на граѓаните и на државата“, заклучи Заев