16/04/2024
Македонија

Заев: Следните денови ќе се финализираат деталите околу Законот за државјанство со цел трајно решение во интерес на граѓаните

Претседателот на  Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во изјавата за медиумите по средбата со координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи и пратеници од коалицијата составена од Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива истакна дека во фокусот на средбата биле разговорите за измени и дополнување на Законот за државјанство.
 
На средбата на која присуствуваат и министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, премиерот Заев посочи дека разговорот бил конструктивен и во следните денови ќе се финализираат деталите за добивање на трајно решение од интерес на граѓаните кои немаат државјанство.

 
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:
 
„Да соопштам дека имавме конструктивен работен состанок на којшто претставниците од извршната власт ги слушнаа аргументациите по Предлог-законот за државјанство од Алијанса и Алтернатива претставени од нивните пратеници. За еден дел од работите веднаш изнајдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите, кои беа понудени од наративот и образложението на Алијанса и Алтернатива, како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите кои беа понудени од страна на соодветните министри.
 
Договоривме за една недела и ако може порано од една недела веднаш да се вратиме на основа на тие аргументации. Затоа што навистина треба и службите да застанат да ги разгледаат и да пронајдат трајно решение, како и кај нив во пратеничката група да ги разгледаат сите детали за да можат на крајот да ги усогласиме решенијата.
 
Се согласивме дека таа бројка, иако е евидентирана на 1500-1600 лица, во матичната евиденција е некаде 800-850 луѓе, и е различна. Притоа разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична книга на евиденција, односно се родени тука, е една проблематика, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување, односно со женење, мажење во државата, се друга проблематика, и како да настапиме.
 
Верувам дека во следните неколку дена интензивно ќе работат службите, пред сè јавната администрација и извршната власт, којашто денеска беше овде претставена, за да ги разгледа и разбере сите овие предлози кои ги дадоа двете опозициони партии АА и Алтернатива. Но, исто така очекувам да ги согледаат сите аргументации коишто беа дадени од соодветните министри во делокругот на оние предлози кои беа дадени од страна на извршната власт.
 
Така на тој начин ќе потврдиме сите, дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани кои немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, согласно меѓународната регулатива за државјанство и согласно сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство. Така што извадивме и примери кои постоеле од 2004 година во кои се решени многу повеќе илјади граѓани и тоа искуство ќе го искористиме се со конечна цел да имаме трајно одржливи решенија.“