29/03/2024
Македонија

Заменик-министерот за животна средина Макрадули на собраниска Комисија

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска учествуваше на јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Република Македонија, иницирана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето излагање, пред пратениците и претставниците на различни организации, институции, здруженија и асоцијации, заменик-министерот Макрадули истакна дека поднесената Информација „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“ се однесува на 2015 и 2016 година, а не за 2018 година како што беше презентирано.

„Значи, сакам да информирам до медиумите, дека податоците на кои што се повикува во информацијата, дека СДСМ е крив за воздухот во 2018 година, се податоци од 2015 и 2016 година“, рече Макрадули оценувајќи ја како прилично неточна, паушална и несериозна Информацијата која беше поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Заменикот-министер Макрадули потенцираше дека проблемот со загадувањето на воздухот треба да се решава заеднички, со вклучување на сите поединечно, особено децата, со цел да се развие општествената свест за заштита на животната средина.

„Податоците за квалитетот на воздухот 2015, 2016, 2017 и 2018 година – број на денови во среднодневни концентрации над гранични вредности – се помали во сите 18 мерни станици. Во сите.  Ги имате и на страницата на министерството. Центар од 63 на 27, Гази Баба од 56 – 49, Карпош од 54 – 31, итн. Значи, сите се помали. А дека е загадено, загадено е. И дека треба да бараме решенија – треба. Мораме да бараме решенија. Но, ова е вистината. И последните 11 дена кога нема загадување, исто да ширите дезинформации, да повикувате деца да не одат на училиште, е исто злонамерно, тенденциозно, и шири паника. Сакам да и укажам на јавноста. Ако е незагадено во денот, не ставајте маска на детето. Тоа повеќе му штети, отколку што му користи“, информираше заменик-министерот Макрадули потенцирајќи дека со ширење на дезинформации се создава непотребна паника кај луѓето дека загаденоста е голема.

Истовремено, заменикот-министер Макрадули подвлече дека е особено важно, на граѓаните да им се објасни дека горењето на дрва, заедно со пластика и други додатоци, како и користењето на јагленот како огрев се штетни и истакна дека е потребно вклучување на граѓанските организации за организирање кампањи за заедничко дејствување во поглед на  законски промени за забрана на греење на јаглен.

Макрадули нагласи дека Владата на Република Македонија за прв пат, за оваа намена обезбеди дополнителни 1,5 милиони евра, исклучиво за намалување на аерозагадувањето и потенцираше дека лично премиерот Заев е заслужен за јасно изразена политичка волја за спроведувањето на мерки преку Програма за намалување на аерозагадувањето, чијашто имплементација станува стратешки приоритет на Владата за 2019-та година.

Заменик-министерот Макрадули, на јавната расправа за аерозагадувањето во Република Македонија информираше за конкретните проекти, како што е започнувањето на замена на типот на загревање во објектите што се загреваат на мазут и нафта, со еколошки извор на загревање.

„Овој план ќе започне со градинките, основните училишта, здравствените установи, а првиот пример набрзо ќе биде студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, којшто се наоѓа во центарот на градот, а којшто некој од некакви причини го префрлил на нафта, да ги загадува студентите внатре, да ја загадува околината. Тоа ќе го направиме и ќе го префрлиме на еколошки извор на загревање.“

Тој, додаде дека на 800 семејства во Скопје, 150 во Битола, 150 во Тетово, со доделување на инвертори, како замена на печките на дрва, ќе им се помогне да го променат начинот на греење, кои ќе бидат корисни и во лето за ладење, како и дека ќе се набават 1.700 садници за градинките, кои како што рече, ќе чинат колку 18 палми во Скопје купени во претходните години.

„Двегодишниот план опфаќа враќање на 10 илјади граѓани – приклучоци на централното парно греење, 20.000 печки да се заменат со еколошки извори на загревање, за 10 илјади семејства – индивидуални објекти, да ја промениме енергетската ефикасност, 20 илјади инвертори ќе се набават за домаќинствата што користат нееколошки извори на загревање и 3 илјади објекти, коишто ќе бидат дел од гасната инфраструктура, или гасификацијата на државата“, истакна Макрадули.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули во своето излагање на јавната расправа во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија информирајќи за мерките кои се предвидени во Планот и Програмата за намалување на аерозагадувањето посочи дека во неа се предвидени конкретни мерки и бројки, кои ќе се реализираат со сите засегнати државни институции, надлежни министерства, единици на локалната самоуправа, како и граѓанските организации.

Заменик-министерот Макрадули подвлече дека борбата за здрава животна средина не трпи популизам, алудирајќи на постојаните лажни информации за зголемена загаденост и изрази уверување дека ќе биде постојан во неговата борба на овој план, за што е убеден дека ќе донесе конкретни резултати. 

https://www.youtube.com/watch?v=UyDKBn8h3lM