23/04/2024
Македонија

Значително намалување на бројот на жртви во сообраќајот во 2022, нова кампања за безбедност на пешаците (видео)

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Струга беше организирана акција во склоп на новата кампања „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.

„Денес, во Струга, Министерството за внатрешни работи, заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје, продолжи со активности од кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци при што ќе бидат опфатени голем број градови од РСМ. Во кампањата се става акцент на причините поради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди, се потсетува на сообраќајните правила и прописи кои се однесуваат на пешаците, а постојано се даваат и препораки за однесување и на пешаците и на возачите затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот“, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.

Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски потенцира дека благодарение на ваквите активности, се подига нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.

„Им благодарам на граѓаните кои ни се приклучија во овие активности и со своето однесување во сообраќајот даваат придонес за поголема безбедност. Сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022“, сооопшти Ангеловски.

На подрачјето на СВР Охрид во март 2022 година нема ниту една жртва, а во март 2021 година имало четири жртви.

„Покрај превентивните акции, продолжуваме и со засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 83 возачи кои не пропуштиле пешаци на пешачки премин. Во првите три месеци од 2022 година санкционирани се 2298 возачи кои не дале првенство на минување на пешак, а санкционирани се и 2784 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила“, соопшти Ангеловски.