20/04/2024
Македонија

Ковачевски: На денот на основањето на НАТО го потврдуваме нашето единство и солидарност и гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на трибината по повод Денот на основањето на НАТО, 4 април, којашто се одржа во организација на Евроатлантскиот Совет на Република Северна Македонија.

На трибината, на која со свои излагања учествуваа и министерката за одбрана Славица Петровска, претседателот на Евроатлантскиот Совет Исмет Рамадани, и извршниот директот на Бизнис Клубот на Евроатлантскиот совет Свето Јаневски а преку видео врска се вклучија и амбасадорката на САД во државава, Кејт Мери Брнз и Кармен Ромеро, заменик-помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски во целост:

„Почитувани,

Република Северна Македонија го слави овој ден, заедно со своите сојузници со посебна гордост и со полно право како 30-та земја членка на Алијансата.

На 27 март во 2020 година оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО беше предаден во Стејт Департментот на Америка со што нашата земја стана земја членка на Алијансата.

Оттогаш ние сме рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот, во која граѓаните имаат сигурна иднина.

НАТО како воен сојуз е посветен на унапредување на заедничкиот систем за колективна безбедност.

Токму затоа ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана, но и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Повикавме Русија веднаш да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина. Ја поздравивме храбрата одбрана на граѓаните на Украина кои со голема храброст ја штитат својата слобода и суверенитет и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.

Сојузниците како никогаш досега се единствени во одговорот на воената агресија на Русија во Украина.

Како НАТО направивме важни чекори за зајакнување на превенцијата и одбранбените капацитети на источното крило на Алијансата. Во овој контекст, Северна Македонија е подготвена да го преземе нашиот удел во овие напори и ние ја поддржуваме потребната долгорочна адаптација во таа насока.

Северна Македонија целосно ја усогласи и својата надворешна политика со политиките на земјите членки на НАТО и со политиките на Европската Унија и ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците.

Воедно, сојузниците се единствени и во реафирмацијата на повиците за санкции врз Русија. Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно стопирање на воената агресија, а преземањето активности за економската изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности.

Заедно со нашите сојузници во НАТО внимателно ги следиме и се спротивставуваме заеднички на хибридните закани кои имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ во регионот на Западен Балкан. Ги следиме и се спротивставуваме и на операциите кои целат да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот.

Со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси и дека заедно со нашите сојузниците ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот во светот.

Во услови кога современиот свет се соочува со сериозна воена, хуманитарна, економска и енергетска криза, неопходни се заеднички мерки за соодветен и ефикасен одговор. Северна Македонија е одлучна да придонесе во справувањето со овие ризици преку заеднички пристап и соработка со нашите НАТО партнери, и со институциите и агенциите на Европската Унија.

Воедно, мотивирано, одлучно, посветено и храбро продолжуваме кон остварување и на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ.

Ја имаме целосната поддршка на САД и на нашите европски пријатели и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

Евроинтегративните процеси треба да започнат без ден одлагање. Силно верувам дека е неопходно Северна Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ. Прашањето на проширување е веќе и геостратешко и безбедносно прашање. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ.

Ние сме посветени на визијата на Северна Македонија како земја на мир, стабилност и унапредена регионална и европска соработка за економски бенефит и просперитет на сите граѓани.

Затоа денеска на денот на НАТО го потврдуваме нашето единство, сплотеност и солидарност и гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници.

Заедно градиме просперитетно, безбедно, мирно и слободно општество. Тоа се вредности на земјите членки на НАТО и на Европската Унија. Тоа се вредностите на граѓаните на Северна Македонија.

Затоа што ние сме НАТО.

Нека ни е честит Денот на НАТО!“.