28/03/2024
Македонија

Ковачевски: Нема потреба за активирање на стоковите резерви, немаме недостаток на храна и енергенси

Премиерот Ковачевски на новинарско прашање истакна дека стоковите резерви се на ниво кое е пропишано со закон и дека тековно се менаџираат и дека нема потреба да се активираат затоа што нема недостаток на храна и енергенси.

„Кога зборуваме за стоковите резерви, веројатно мислите на храната и на нафтени деривати. Во моментов има непречено снабдување со нафтени, кое е постојано од почетокот на кризата бидејќи се снабдуваме од солунското пристаниште и тоа над 70% се работи за нафта која не е од руско потекло туку од друго потекло“, истакна Премиерот.

Во однос на храната, како што подвлече, се управува дневно и неделно во однос на резервите кои ги имаме и кои обезбедуваат непречено снабдување на пазарот во услови кога има недостатоци.

„Ние во моментот немаме недостатоци на храна во државата, бидејќи преку директни контакти со соседните држави доминантно со Република Србија, Грција, Албанија обезбедивме непречен проток прехранбени производи“, рече Ковачевски.

Во однос на цените на производите во малопродажбата, Ковачевски нагласи дека е информиран за одредени злоупотреби и дека нема да се дозволи дел од дистрибутерите да вештачки да ги покачуваат цените со големи маржи.

„Инспекциите ќе работат на терен и ќе нема никаква селективност во инспекциите и спроведување на законот, на добрите практики на однесување во услови на најголема криза“, рече Премиерот.