29/03/2024
Македонија

Ковачевски: Носиме мерки за одржување на економскиот раст и во услови на најголема криза

Премиерот Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја отвори меѓународната конференција „Скопски економски и финансиски форум“ СЕФФ2022, на тема: „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање ги истакна приоритети на Владата за справување со предизвиците во услови на најголемата глобална енергетска криза, мерките за ублажување на ценовниот раст и за задржување на ликвидноста на компаниите. Дополнително, премиерот Ковачевски се осврна и на плановите на Владата за стабилност на економијата и плановите кои се прават на среден и долг рок за економски развој.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето во целина.  

„Најпрвин сакам да се заблагодарам на Министерството за Финансии, на Министерот, на целиот тим што по втор пат го организира Скопје-економскиот и финансиски форум којшто навистина сега е и во поголем број и во подобри услови бидејќи немаме просторни ограничувања од вирусот, со оглед на тоа дека во моментов нема мерки.

Исто така она што го планиравме, а тоа е да имаме најеминентен економист од светот присутен, успеавме да го направиме оваа година со оглед на тоа што според сите мислења највлијателниот економист во светот во моментов Пол Кругман е тука, навистина дава дополнителна тежина на овој економски-финансиски форум.

Почитуван професор Пол Кругман,

Почитувани високи гости и екселенции,

Почитувани дами и господа,

Почитувани медиуми,

Ми претставува чест и привилегија да ja отворам втората годишна меѓународна конференција на „Скопскиот економски и финансиски форум“.

Само една година откако е инициран, Форумот се издигна на степен на најважен настан од сферата на економијата и финансиите.

Како платформа за дискусија на економски и финансиски теми, која минатата година ја иницираше Министерството за финансии, „Скопскиот економски и финансиски форум“ оваа година на едно место собра дел од најугледните и најрепрезентативните претставници на домашните економски и финансиски чинители, на меѓународните финансиски институции, на највлијателните институции на светот, на ЕУ и од регионот, како и претставници на највисоките академски и научни институции од земјава и светот.

На сите вас Ви посакувам срдечно добредојде и успех во работата на Форумот, кој оваа година е збогатен и со учеството на професор Пол Кругман, добитник на Нобеловата награда за економија во 2008 година. Со тоа, „Скопскиот економски и финансиски форум“ поставува високи стандарди и прераснува во препознатлив настан во земјава и пошироко.

Убеден сум дека секој од вас ќе даде значаен придонес во однос на темата на годинешниот форум „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“. Верувам дека ќе произлезат сериозни препораки во однос на макроекономските предизвици во наредниот период и креирањето на фискалната и монетарната политика. Дополнително и насоки кон фокусирање на политиките за градење на одржлива, отпорна и конкурентна економија преку структурни реформи, како и во однос на справувањето со енергетската криза и ориентираност кон зелена транзиција, дигитализација, зајакнување на човечкиот капитал, одржлив и иновативен финансиски систем.

За нас, за Владата и Министерството за финансии ќе биде од исклучително значење да ги слушнеме вашите мислења, анализи, укажувања и препораки, но и чекор понатаму, да ги примениме во процесите на креирање на идните политики во овие турбулентни времиња.

Навистина ми е чест но и голема одговорност, да ја предводам Владата на Република Северна Македонија во услови на најголема глобална криза во поновата историја.

Во еден неизвесен амбиент, Владата најодговорно се справува со огромните економски и енергетски предизвици, како и последиците  од воената агресија врз Украина.

Носиме тешки, принципиелни и пред се државнички одлуки за да ги заштитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи, како и ликвидноста на компаниите.

Во ова мое обраќање,  ќе се осврнам на клучните мерки кои Владата ги презеде за ублажување на последиците од енергетската криза, како и на приоритетите и мерките кои ги преземаме на среден и долг рок за економски раст.

Првиот приоритет се однесува на заштита на животниот стандард на најранливите категории на граѓани, како и задржување на ликвидноста на компаниите.

Вториот се однесува на одржливиот економски раст, односно долгорочната поддршка за раст на производството и зголемување на инклузивноста.

Третиот се фокусира на зголемување на бруто инвестициите и тоа и на инвестициите кои се доминантно од државниот буџет, меѓутоа и на приватните и директните странски инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок.

Согласно овие приоритети, деновиве го димензиониравме и ребалансот на Буџетот за 2022 година, кој соодветствува на макроекономските предизвици во време на неизвесност.

Како соодветна реакција на новите геополитички случувања и нивниот ефект врз глобалната и домашната економија подготвивме навремен и одмерен одговор за најважните прашања и ги прилагодивме проекциите на новиот макроекономски контекст.

Дефинирани се поповолни извори за финансирање  за одговор на кризата, истовремено внимавајќи на зачувување на фискалната одржливост. Гарантирана е редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и намирување на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на обврските на државата. Ребалансот на буџетот демонстрира одговорност кон граѓаните, одговорност кон стопанството, истовремено запазувајќи ја потребата од финансиска консолидација и одржливост на економијата преку предвидување на структурни реформи.

Овој пристап, на краток рок, овозможува спроведување на нашите приоритети како што се заштитата на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и создавање поповолни услови за остварување на идните стапки на економски раст на краток рок.

На среден рок, во комбинација со меѓународно признатите ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза и фискална консолидација, поттикнување на економска активност преку капиталните расходи и инфраструктурни инвестиции, подобрување на бизнис окружувањето и креирањето на нови работни места, создаваме основа за забрзување на економскиот раст, и иако неизвесно,  очекувано е постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање.

Дел од резултатите што ги очекуваме на среден рок се зајакнување на конкурентноста, регионалната соработка за енергетска стабилност и независност, за зелена транзиција и инфраструктура, дигитализацијата, вложувањето во човечкиот капитал и зголемувањето на продуктивноста, како двигатели за одржлив раст после кризата.

Стапката  на инфлацијата ја проектиравме на 7,2% на годишно ниво, повторно во контекст на очекувањата за  инфлациските движења во еврозоната и калкулирајќи го ефектот на нивното прелевање кај нас.  Согласно очекувањата на меѓународните финансиски институции за втората половина годинава, предвидуваме стабилизирање на цените и навистина би сакал да слушнам коментари и во делот на очекувањата за инфлаторните движења во глобални рамки и од професорот Кругман.

Оттаму, со стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на добавување, но и со спроведување на Владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2%, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции на буџетот за 2022. Овие проекции соодветствуваат со најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд за земјава. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3%. Во 2023 година проектираме  раст од 4,5%, во 2024 од 5,7%, 2025 од 5,9%, 2026 од 5,7% и во 2027 година раст од 5,5%.

Удел во вкупниот предвиден економски раст се очекува и од растот на нето-платата која е проектирана со раст од 11%. Со тоа, дури и во овие услови, го обезбедуваме растот на просечната нето плата, која согласно статистика достигна 500 евра. Ова се должи и на растот на минималната плата, на предвиденото покачување на платите во образованието и во други сектори, како и од некои повисоко доходовни сектори, како што се информатичко-компјутерскиот и телекомуникациски сектор.

Стапката на невработеност се очекува да продолжи да се намалува, со проекција од 14,5% за годинава, додека на среден рок очекувањата се истата да се сведе на 8,2% во 2027 година, кога се очекува и пораст на стапката на вработеност на 54,7%. И во моментот невработеноста е на историски најниско ниво од 15,2 проценти.

Во овој дел сакам да ги издвојам нашите политики во однос на капиталните инвестиции и во однос на директните странски инвестиции.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Ќе нагласам, капиталните инвестиции за оваа година остануваат на рекордно ниво и истите се за 8,8 милијарди денари или 37,8% повисоки во однос на минатата година односно за 16,1 милијарда денари или двапати повисоки во однос на 2020 година.

Механизмот КАПЕФ којшто го воведовме функционира, се следи будно реализацијата и онаму каде има послаба динамика на реализација се одземаат средствата и се пренасочуваат во институции кои имаат повисока реализација на капитални инвестиции.

Планирани се значајни инвестициски вложувања во патната инфраструктура, во Коридорите 8 и 10 Д.

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, поточно делот кон Бугарија, како и обезбедување финансирање на Проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија.

Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистралните гасоводи, како и изградба на интерконективни гасоводи меѓу Република Северна Македонија со Република Грција, со Република Србија и со Република Косово.

Планирани се и голем број други капитални проекти во делот на образованието и детската грижа, здравството, заштитата на животната средина и управувањето со отпад.

Листата е долга, агендата амбициозна и за нејзина реализација е планирана сума од над половина милијарда евра за капитални инвестиции.

Од друга страна, одржувањето контакти со странските инвеститори во овие времиња е од клучно значење. Пандемијата ги покажа слабостите и видовме дека Европа се соочи со големи предизвици кога ланците на снабдување се во далечни земји. Во Европа може да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоците. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во Европската Унија, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои од земјите од регионот.

За да ја зајакнеме конкурентноста за привлекување инвеститори, нашите напори се насочени кон одржување на што поповолно деловно опкружување.

Денес, тоа не се само конкурентните плати. Напротив, почнавме и продолжуваме да се фокусираме на подобрување на инфраструктурата, на доброто владеење и особено на човечкиот капитал и тоа преку модернизација на образовниот систем.

Нашиот пристап во привлекувањето инвестиции е изменет и сега е насочен кон инвестиции и инвеститори што носат поголема додадена вредност.

Како такви треба да се гледаат големите стратешки инвестиции како што се ветерниот парк на германската компанија „ВПД“, како и изградбата на голема соларна централа во штипско на француската „Акуо“ како наша определба на нашата стратешка енергетска транзиција кон капацитети со обновливи извори на енергија.

Во постојното опкружување, во кое енергетската криза го попречува растот, зголемувањето на инвестициите во обновливи извори на енергија е нашиот врвен приоритет.

Заедно со започнатите структурни реформи, создаваме можности за продолжување на соработката не само со сегашните туку и со потенцијалните странски инвеститори.

Исправноста на овој пристап веќе ги дава резултатите преку постигнатите договори за нови инвестиции.

Во последните 18 месеци се зголеми бројот на потенцијални инвеститори кои пристапуваат до Дирекцијата за ТИРЗ. Од иста важност е и проширување на капацитетите од страна на постојните инвеститори.

Инвеститорите и потенцијалните и постоечките го препознаваат новиот концепт на работење на ТИРЗ воведен на почетокот од 2021. Само од постојните компании во ТИРЗ, 10 отворија дополнителни капацитети или се во фаза на проширување на инвестициите. Со новите инвеститори со кои преговорите се во завршна фаза се работи за инвестиции од над половина милијарда евра, а тие доаѓаат од секторите фармација, енергетика, електроника и услуги.

Согласно податоците на Народната Банка, регистриран е нагорен тренд на странските директни инвестиции во земјата и тоа минатата година остварени се директни инвестиции од над половина милијарда евра, поточно од 512 милиона евра, за разлика од 2020 година во екот на пандемија, кога се остварени 201 милиони евра.

Почитувани,

Дозволете во завршницата на ова мое обраќање да го насочам вашето внимание и на геополитичкиот контекст во кој Република Северна Македонија се справува со актуелната безбедносна, економска, финансиска и енергетска ситуација.

Северна Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добро-соседски односи, неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните.

Нашата земја, ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавја за членство во ЕУ што е безусловно потврдено од Европската Комисија, како и од огромното мнозинство на земјите членки на ЕУ, НАТО членството значи сигурност и безбедност, но отвори и можности за економски развој. Истото го очекуваме и од почетокот на пристапниот процес за нашата земја за членство во ЕУ.

Војната во Украина на најтрагичен начин покажа дека прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за самата ЕУ.

Европската Унија е наш главен трговски партнер и повеќето странски директни инвестиции доаѓаат од Европа и Северно американскиот континент.

Во овој контекст интеграцијата на Република Северна Македонија и целиот Западен Балкан е од примарен политичко безбедносен и геостратешки интерес за регионот и за ЕУ.

ЕУ интеграцијата на Западен Балкан е заемно корисен процес. Северна Македонија ја зајакнува  регионалната соработка со земјите од Западен Балкан, за слободен проток на капитал, луѓе, стоки, услуги за подобрување на  конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Сето тоа значи подобар стандард и квалитет на живот. Нашата цел е економски силен и стабилен регион, развиен Западен Балкан интегриран во ЕУ.

Ви благодарам на вниманието и посакувам успешен и продуктивен Форум уште еднаш честитајќи на организаторите“.