29/03/2024
Македонија

Ковачевски: Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” е еден од столбовите на македонската државност и продолжувач на мисијата на светите браќа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во името на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.

„Овој наш прв државен универзитет во земјава, еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост бил, е, и останува да биде стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава.

Денес, прогресивната, културнообразовна и научна мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Северна Македонија.

Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија.

Државата е на вистинскиот колосек. Ги отворивме перспективите преку почетокот на преговорите со ЕУ, што им се потребни на сите граѓани и на општеството, како и шансите за европски квалитет на образование. Ја унапредивме и регионалната соработка преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес.

Со сето ова го проширивме полето за работа, дејствување и размена на позитивни искуства и напредни практики на регионално и европско ниво, цврсто уверени дека ова е вистинскиот начин за квалитативни унапредувања во сите општествени сфери.

И затоа, потребно е да продолжиме да се движиме напред.

По примерот на светите браќа Кирил и Методиј, темелници на интеркултурализмот, посветени сме на обединувањето во општественото живеење, како и во европското семејство.

Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија да создаваме генерации кои се подготвени храбро да ги бранат и негуваат вредностите на својот народ, негувајќи го интеркултурализмот како цивилизациска придобивка. Затоа, благодарам што сме заедно по овој зацртан пат.

Образованието е еден од главните темели за развиено, модерно, европско општество какво што се стремиме да биде Република Северна Македонија и очекувам дека со заедничките напори ќе ја оствариме оваа цел, во името на добрата иднина на сегашните и на идните генерации“ – напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до ректорот Јанкуловски.