29/03/2024
Македонија

Корупцијата во општеството ја рашири претходната власт, Владата целосно спроведе три препораки на ГРЕКО за една година, онолку колку што претходната власт спровела за цели четири години на ниво на сите институции

Владата на Република Македонија ги следи и анализира наодите на сите релевантни меѓународни тела и врз основа на тие наоди презема соодветни чекори. Во однос на препораките од ГРЕКО, Владата е целосно посветена на нивно спроведување, што е видливо преку спроведување на три препораки кои се однесуваат на Владата во период од само една година, за разлика од однесувањето на претходната власт која е причинител на коруптивните состојби и која за период од цели четири години (2013-2016) спровела само три препораки на ниво на сите институции во државата.

Како заложба во борбата против корупцијата, Владата на РМ спроведува концепт на отвореност, отчетност и транспарентност, вложувајќи ги сите напори за целосно спроведување на препораките на меѓународните институции, а кои се однесуваат на корупцијата која во општеството ја распространи претходната власт. Наследната состојба во 2016, токму според извештајот на ГРЕКО наведува дека од вкупно 19 дадени препораки, Република Македонија задоволително имплементирала само три препораки, 10 останале делумно имплементирани, а шест неимплементирани. Со овој извештај, ГРЕКО даде рок до 31 јануари 2018 година да се исполнат преостанатите препораки, а Владата тоа ќе го почитува и ќе го спроведе во целост.

Во врска со последниот Извештај на ГРЕКО (групата на држави против корупцијата, тело на Советот на Европа), во Стразбур, за усогласеност за Република Македонија – Четврт круг, усвоен на пленарната седница која се одржа годинава, (2018) во периодот од 18 до 22 јуни, констатирано е дека од 19-те првично дадени препораки, во целост имплементирани се шест препораки, делумно имплементирано осум препораки, а пет не биле имплементирани.

Во делот на препораките кои се однесуваат на Владата на Република Македонија, за една година, имплементирани се три нови препораки, пред сè со направените измени во Законот за Судскиот совет и Законот за судовите. Подготвен е Акциски план за реализација на преостанатите препораки на ГРЕКО од четвртиот круг на евалуација на Република Македонија коишто се однесуваат на сите наведени институции. Од преостанатите 13 препораки кои треба да се имплементираат, само две се за Министерството за правда.

Еден дел од преостанатите препораки ќе се имплементираат со усвојувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, чија подготовка е во тек, а текстот ќе биде доставен од работната група до Министерство за правда, до крајот на август 2018 година. Со новиот Закон за јавното обвинителство, ќе се исполни уште една препорака што се однесува на дисциплинскиот режим на обвинителите. Текстот за Законот за обвинителство се подготвува од страна на експертска работна група и треба да биде готов до декември 2018.

Останатите препораки треба да бидат реализирани од Собранието на РМ како и од независните тела за борба против корупција.

Враќањето на правото и правната држава и неселективната борба против криминалот и корупцијата е императив за оваа Влада.