28/03/2024
Македонија

Маричиќ: Со новиот буџет финансиски и кадровски се зајакнува судството

Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на презентацијата на „Функционалната анализа на основните судови и планот за подобрување на основните судови во Република Северна Македонија“, која ја изработи Центар за правни истражувања и анализи, со поддршка на Британската aмбасада, кажа дека во буџетот за следната година се планираат повеќе финансиски средства за судовите. Со тоа финансиски и кадровски ќе се зајакне правосудството и треба да биде  следено од ефикасни и квалитетни судски постапки, смета Маричиќ.

– Доказ за нашата заложба и влог во правосудството е и Буџетот за судство предвиден за 2022 година, кој е за 6,5 отсто повисок во споредба со минатата година. Покачување на платите во судството за 15 отсто за сите вработени, вклучувајќи ја и администрацијата. Ќе се зголемуваат и човечките капацитети, со потребни кадри каде што има недостаток во судските инстанци ширум државата, потенцираше Маричиќ.

Инаку, во говорот на настанот министерот за правда го изрази своето задоволство од досегашната соработка со Британската Амбасада, наведувајќи ги како партнери и силни поддржувачи на искрената заложба на оваа Влада во спроведувањето на реформската агенда. Функционалната анализа на 27-те основни судови, заедно со веќе изработената Функционална анализа на Министерството за правда, претставува заокружување на процесот на подготовка на функционални анализа за сите правосудни институции во државата. На настанот присуствуваа претставници од основните, апелациските и управните судови во земјава, Врховниот суд, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.