28/03/2024
Македонија

МВР ги презеде сите расположиви мерки, интензивно се работи на пронаоѓање на бегалецот

Интегрален текст од денешната прес конференцијата на министерот Оливер Спасовски.

Пoчитувани граѓани, почитувани медиуми

Министерството за  внатрешни интензивно продолжува со потрагата по Сашо Мијалков . Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или се поврзани со овој случај. Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето,  а денеска дополнително се повикуваат други лица.  Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации.  Продолжуваат проверките на локации поврзани со истрагата, а распишана е и меѓународна потерница.

Почитувани,
Дозволете ми пред се, најкатегорично да ги отфрлам сите шпекулации за било какви договори. МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата. За да бидат нештата појасни, ги презентирам пред вас и следните факти и информации кои укажуваат на хронологијата на настаните.

Во саботата околу 12.30 часот добив повик од обвинителката Вилма Рускоска и ми рече дека имала сознанија дека првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“  Сашо Мијалков подготвува бегство. Иако доколку имала сознанија можела да се обртати до судот, сепак се договоривме да прати писмено известување до МВР за да се провери дали нашите служби имаат такви сознанија. Во 17 часот од ОЈО за ГОКК добивме известување  во кое стои дека обвинителката Рускоска  располага со информации дека Мијалков се подготвува да избега преку зелената граница  поради најавите за добивање поголема затворска казна од посакуваната. По добиеното известување, постапено е и во 23 часот вратено е известување до Обвинителството. Во меѓувреме, во 22.30 часот издадена е наредба за полициско делување на улици и објекти за 24 часовен надзор за што е изготвен план за прикриено полициско делување и ангажирани се тимови со полициски службеници. Потенцирам прикриено полициско делување што е дозволено со закон, но не следење на лице, што не може да се направи без судска наредба.

Во неделата околу 11 часот директорот на БЈБ добива повик од Обвинителството, а потоа  и барање за појаснување и дополнителни информации, на што е одговорено дека нема дополнителни информации. Издадени се насоки да се ангажираат дополнителни  служби низ град Скопје, посебно излезните точки од градот. Околу 14.40 часот од правец на МЕПСО кон хотел Мериот е забележан Мијалков со едно женско лице и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи. Околу 15.05 часот забележан е излез на три возила, но не можело да се утврди дали и Мијалков  е во возилата, кои се упатуваат на ул. Славејко Арсов, која се наоѓа под ул. Тодор Александров. Во целиот овој период има поставено полициски тимови околу хотел Мериот и зградата на ул. Тодор Александров , како и на излезите од Скопје.

По подигањето од Основен суд Скопје 1 на решението за куќен притвор за Мијалков,  почната е процедурата за доставување. Околу  21.30 часот е утврдено дека Мијалков не е таму. Извршени се пребарувања  на три стана, сопственост на Мијалкови,  а потоа и на стан на ул,. Народен фронт“, а преземени се и други активности со цел пронаоѓање на  лицето. Во текот на вчерашниот ден извршен е информативен разговор со 10 лица,а во текот на денешниот ден продолжуваме со сите расположливи мерки за пронаоѓање на лицето.
Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со сите расположиви законски средства да трага по бегалецот. Сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаме таква обврска да го лоцираме и да постапиме по судската наредба. Целата држава го очекуваше ова детално објаснување, и ги охрабрувам и Јавното обвинителство и Судот да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај, бидејќи ваквите ситуации ја рушат довербата во системот која толку долго ја градиме. За оние што не постапиле соодветно, одговорност мора да има. Граѓаните бараат правда и правдата мора да се обезбеди.

Линк до видеото од прес конференцијата