28/03/2024
Македонија

МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните и ќе даде значаен придонес за организирање на фер и демократски избори

Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска денеска одржа прес-конференција на која информираше за приоритетите во работењето на Министерството за внатрешни работи.
Во продолжение на ова соопштение Ви го пренесуваме обраќањето на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска во целост:

На 3ти јануари беше избрана преодната Влада пред која се поставени две клучни задачи:

Да се продолжи со имплементацијата на реформските планови и активности за остварување на полноправно членство во НАТО алијансата и добивање датум за отпочнување на преговори со ЕУ и Создавање услови и организирање на фер и демократски избори.

Изминатите изборни циклуси и спроведувањето на референдумот беа прифатени како фер и демократски и работата на Министерството за внатрешни работи беше позитивно оценета во извештаите на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Благодарение на започнатите реформските процеси се нормализираше состојбата во државата и забрзано се надоместува изгубеното време во евроатланските интеграции на нашата земја.

Ова е период во кој граѓаните со право очекуваат редовно работење на сите институции, но очекуваат и напредок на нашата држава и нејзино членство во НАТО и ЕУ.

Токму затоа претстојните избори се од исклучително значење за сите граѓани на нашата држава, без разлика на нивната партиска или етничка припадност. Ова е период кој носи дополнителна одговорност врз сите членови на извршната власт, своите функции да ги извршуваме единствено во интерес на граѓаните.

Како дополнителен заменик министер за внатрешни работи, праќам јасна порака до граѓаните дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ја гарантира нивната безбедност. Оваа порака е резултат на тоа што во изминативе две и пол години поставивме стандарди во работењето на полицијата кои гарантираат дека таа не може да биде злоупотребена од одредена политичка партија, туку напротив, ќе даде значаен придонес во она што е и цел на оваа преодна влада, организирање на фер и демократски избори.

Работата на ова министерство е организирана на повеќе нивоа и има специфична структура на организационите единици. Но, единствена гаранција за професионално функционирање е законски применетиот принцип на хиерархија и управување со полициските задачи.

Токму таквото работење придонесе да ја вратиме довербата на граѓаните во полицијата, која по две и пол годии раководење и реформирање на МВР значително порасна, што јасно се гледа од релевантните анкети.

И покрај кадровските промени кои се направени со формирањето на преодната влада, граѓаните треба да знаат дека процесите што се започнати нема и не можат да запрат, благодарејќи на професионалците во министерството кои веќе подолго време имаат можност да работат без притисоци и уцени. Покрај ослободувањето од политичкиот притисок, значително ги подобривме условите за работа на полициските службеници, ги реновиравме полициските станици и други објекти, купивме опрема и средства за работа, ја зголемивме платата, а пред Нова година тогашниот министер Спасовски потпиша договор со Македонскиот полициски синдикат за исплата на бонус плата за полициските службеници и таа наскоро ќе биде исплатена.

Времето на партиски штабови во ова министерство е минато, исто како што е минато и времето кога полицијата правеше упади во невладини организации, тепаше студенти и апсеше новинари. Секој еден што ќе се обиде да ги повтори старите методи со „едно ливче нека снема“ или добро познатото „фаќање за уши“, жестоко ќе се соочи со законот.

Во интерес на граѓаните сум подготвена на соработка, но исто така во нивен интерес сум подготвена на решително спротиставување на секој обид на создавање паралелни структури и рушење на принципот на хиерархија и погазување на законите.

Во периодот кој претстои политичките партии се добредојдени да ги претстават своите политички платформи и нивните кандидати, а граѓаните не смеат да бидат жртви на опструкции, блокади или притисоци.

Нашето одговорно однесување ќе биде најдобриот мотив граѓаните да учествуваат во демократскиот изборен процес и заедно да придонесеме за зголемување на довербата за непречено функционирање на системот.