29/03/2024
Македонија

Министерот Поповски: Владата на Република Македонија останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска на прес-конференција во Владата на Република Македонија, ги соопшти резултатите од реализацијата на средствата од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.

Од вкупно 13 пристигнати барања, одобрени се 11, информираше министерот Поповски. На овие 11 новинско-издавачки компании, им се распределени, согласно критериумите 42 милиони, 568 илјади и 620 денари, од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во Буџетот за 2018 година.

Овие средства од Буџетот на РМ, наменети за поддршка на печатените медиуми на компаниите издавачи им се доделени за веќе остварени трошоци и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50% за направените трошоци за печатење и 50% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70% за направените трошоци за печатење и 70% за трошоците за дистрибуција.

„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект го препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата на РМ, ги подготви критериумите според кои, Комисијата на Генералниот Секретаријат на Владата на РМ, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти министерот Поповски.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на прес-конференцијата истакна дека  Владата на РМ останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите. Во таа насока Владата останува отворена и за сите идни сугестии кои го овозможуваат тоа и кои треба да дојдат исклучиво како предлог на медиумските професионалци и нивните здруженија за изнаоѓање на транспарентни и системски решенија во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите. 

Претседателот на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми Лирим Дулови, на прес-конференцијата ја изрази благодарноста за оваа поддршка за егзистирањето и работата на печатените медиуми и истакна дека Република Македонија е единствената земја од регионот која оваа иницијатива ја спроведува според модел кој веќе се применува во повеќе земји членки на ЕУ.

Во прилог на ова соопштение, ја приложуваме и презентацијата за реализацијата на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година, критериумите врз основа на кои се доделува поддршката, како и висината на средствата што ги доби секоја од новинско-издавачките компании.