20/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски учествува на 13-тиот „Бледски стратешки Форум 2018“ организиран од страна на Владата на Република Словенија

“Како резултат на систематското уништување на правниот и институционален поредок кој во изминатата деценија се случуваше  во Република Македонија, денес после една година од промената на власта се случуваат два паралелни процеси. Едниот е процес на заздравување или враќање на начелата на одговорно, законито и чесно работење и функционирање на правната држава, а вториот процес е процесот на реформи кои мораме да ги спроведеме на нашиот пат кон ЕУ и НАТО“, рече, меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денес во Блед, во рамки на 13-тиот по ред “Бледски стратешки Форум 2018“ организиран од страна на Владата на Република Словенија во соработка со Европскиот фонд за Балканот, на кој учествуваат еминентни претставници на политичкиот, стопанскиот и  културниот живот од регионот, од Европа и од светот.

Говорејќи во рамки на панелот посветен на “Безбедноста и владеењето на правото преку обновена ЕУ перспектива“, министерот Спасовски презентираше дел од низата активности што македонското МВР ги започна и ги реализира во овој период, притоа нотирајќи три клучни приоритети – реформата на системот на следење на комуникациите, зајакнување на капацитетите за борбата против организираниот и сериозен криминал, како и зајакнување на капацитетите во борбата против нелегалната миграција.

“Политичката криза што се случи во Република Македонија беше предизвикана од обелоденувањето на скандалот, кој ја запрепасти македонската, но и меѓународната јавност, скандал кој обелодени масовна злоупотреба на државните институции, уривање на правната држава, а сето тоа управувано од Управата за безбедност и контраразузнавање и злоупотреба на системот за следење на комуникациите. Секако дека фокусот беше на итната и неодложна реформа на системот за следење на комуникациите“, нагласи Спасовски.

Во тој контекст Спасовски се осврна на дел од досега завршени нормативни и други активности околу целосното реформирање на системот за следење на комуникациите.

Исто така Спасовски на панелот говореше и околу соработката со ЕУ, инструментите за помош  што Унијата ги нуди во фазата на пристапните преговори, како и околу начинот на кој што се води целиот процес на пристапување во рамки на македонското општество.

“Со своето досегашно дејствување Унијата покажува дека и тоа како постои заинтересираност за земјите од Западен Балкан и дека овие земји се на агендата на унијата за проширување. Се разбира, за тој процес да биде ефикасен и успешен, соработката мора да биде обострана“, потенцираше Спасовски.

“Овој пат Владата на Република Македонија се залага и настојува реформскиот процес да почива врз целосна општествена инклузија буквално на сите општествени чинители, независно од која сфера доаѓаат, на максимална транспарентност и сеопфатно информирање за сите аспекти на процесите на скрининг, на преговарање, на реформирање. Отвореноста на процесите и нивната реализација ни е неопходна, затоа што само така ќе се дојде до нови квалитети, независно дали станува збор за човечкиот ресурс, или пак до натпревар на нови идеи и концепти што ќе треба да ни донесат долгорочни, но и соодветни законски или други решенија“, истакна министерот Спасовски.