18/04/2024
Македонија

МОН: Новите кабинети по природни науки ја модернизираа наставата во основните училишта, инвестираме во конкурентен образовен систем

Министерството за образование и наука продолжува со опремување на училиштата и активно инвестирање во образованието со цел подигнување на квалитетот на националниот образовен систем. Во тек е опремувањето на 265 кабинети по природни науки во училиштата во земјава, со што тие добиваат современи кабинет по физика, хемија, биологија и географија. 

Новиот концепт на основно образование предвидува при изучувањето на природните науки, учениците не само да се запознават со фактите, концептите и теоријата, туку подеднакво да  развиваат вештини за истражување. Новите наставни програми предвидуваат практична проверка на сознанија и изведување на експерименти, користење на лабораториски материјали и изведување мерења, а се ова е овозможено со модернизацијата на постоечките и инвестирањето во нови кабинети за природни науки. 

За Министерството за образование и наука посебно е важно да обезбеди услови за учење преку истражување, со цел да овозможи развој на љубопитност, систематичност и иновативност кај учениците, од најрана возраст, како клучни за развивање на научноистражувачката мисла. На среден рок, инвестициите во образованието ќе ја подобрат оспособеноста и подготвеноста на учениците во природните науки а резултатите ќе бидат видливи на меѓународни тестирања каде се мери писменоста во природните науки и примената на наученото во реални животни ситуации.

Голема поддршка за опремување на училишните кабинети МОН добива од Светска банка, во рамки на Проектот за унапредување на основното образование.  Обезбедувањето повеќе инвестиции во училишните услови е еден од основните услови за подигнување на конкурентноста на образовниот систем.