20/04/2024
Македонија

Моќта на нашата држава е во нашата разноликост и капацитет да се обединиме како едно

Со премиерната изведба на симфонијата „Убави денови” од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на 30-годишнината од независноста, во изведба на Филхармонијата на Северна Македонија под диригентската палка на Бисера Чадловска, започна свечената програма за одбележување на овој значаен јубилеј пред Собранието на Република Северна Македонија.

Во присуство на државниот врв на земјата, на пратениците и на членовите на Владата и претставници на државната управа и другите општествени институции, на претставници на граѓанското општество и верските заедници, како и во присуство амбасадори и други членови на дипломатскиот кор во земјата и на граѓани, со почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19, програмата посветена на тридецениската самостојност на државата продолжи со предвиденото свечено дефиле.

Нашите сограѓани во поворката, припадници на оружените сили од Армијата и од формациите за јавна безбедност на МВР, нашите посветени здравствени работници, пожарникарите и другите припадници на системите за заштита и спасување, земјоделците и рударите, од индустријата, спортот, културата и фолклорните традиции, кои како приказ на нашето општество денес, еднакво за сите граѓани, ја споделија својата радост со гостите и граѓаните коишто ги поздравија со должна почит.

Нивното дефиле пред гостите ја отслика Република Северна Македонија како држава од народот и за народот, нашата мултикултурна традиција и нашата европска определба, институциите на државата посветени на благосостојбата на граѓаните на нашата земја.

Церемонијалниот дел на програмата за одбележување на 30-годишнината од независноста продолжи со изведбата на уметнички акт на Филхармонијата на Република Северна Македонија сочинет од исполнувањето на Бетовеновата „Ода на радоста“ со вокалните солисти од Националната опера и балет Ирена Кавкалевска – мецо сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Кристијан Антовски – бас, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Овој дел од програмата се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски.

Свечената програма по повод 30 години од независноста ќе продолжи со обраќањата на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието Талат Џафери (видео обраќање) и со обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев.

Музичката програма што ќе следува по обраќањата на државниот врв предвидува изведба на музички сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, во изведба на Вера Милошевска – Јосифовска, Јеона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.

Во рамките на културно-уметничката е вклучен и аудиовизуелниот перформанс реализиран врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.

Музичкиот дел од програмата со кој ќе заврши одбележувањето на 30-годишнината од независноста, предвидува изведби на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата на Северна Македонија како и инструменталната изведбата на албанската народна песна „Бареша“, по што ќе следува свечен огномет.