25/04/2024
Македонија

МТСП: Во 2018 обезбедивме повисоки додатоци, нови услуги и Центри за лицата со попреченост

Унапредување на правата и овозможување подобри услови за лицата со попреченост беше и останува приоритет на Министерството за труд и социјална политика и следната година. Со новиот Закон за социјална заштита се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост Лична асистенција и услугата Домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува на 50% од просечна нето плата.

Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост  се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж.

Во 2019 година ќе се развива услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита. Исто така започна воведувањето на образовните и личните асистенти во настава кои им овозможуваат поддршка на децата со попреченост во образовниот процес. Преку активните мерки за вработување од 1 октомври 2017, па се до 1 јуни 2018 беа ангажирани вкупно 140 образовни асистенти во 18 општини во државата. Во новата учебна година 2018/2019, овој број е зголемен со учество на 34 општини и 300 асистенти во настава.

Во 2018 година се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услуги во заедницата – за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција во следните општини. За следната 2019 година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост.

Изминатата година отворени се и неколку нови Дневни центри. Конкретно Дневни центри за деца со церебрална парализа во Прилеп и Скопје, Дневни центри за деца со попреченост во Велес, Кочани, Македонска Каменица, Центар за продолжен престој на деца со попреченост – Куманово, а  во завршна фаза е отворањето на Центар за престој и рехабилитација на деца со даунов синдром во Скопје. Завршени се градежните работи за реновирање и адаптација на Центар за рехабилитација на лица со попреченост во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје и комплетно е реновиран дневниот центар кои функционира во рамките на установата.

Владата на Република Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита. Во рамки на овој процес сите деца под 18 години беа изнесени од СЗ Демир Капија и сместени во мали групни домови до крајот на 2018 година. Во соработка со УНДП, УНИЦЕФ, УНФПА започнат е проект за трансформација на Заводот за рехабилитација на лица со телесна попреченост Бања Банско Струмица, за што се веќе подготвени 17 лични планови за дел од сместените корисници.

Сите овие новини значително ќе ги зголемат правата на лицата со попреченост, ќе се зголеми обемот на услуги до коишто истите ќе имаат пристап,  ќе се преземат сериозни активности и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги кои ќе овозможат независен  и живот на лицата во нивното место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување.