24/04/2024
Македонија

МТСП: Започна тридневна обука за поддршка на независно живеење на лицата со попреченост

Во рамките на заедничкиот проект реализиран од четири агенции на Обединетите нации во државата (УНИЦЕФ, УНДП, UN Women и УНФПА) започна тродневна обука „Промена на парадигмата и придонес кон прифаќање на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“ наменета за околу 60 релевантни претставниците од владини институции, невладини организации и испорачувачи на услуги за лицата со попреченост. Целта на тренинг сесиите е да се придонесе кон подобро разбирање, прифаќање и препознавање на начелата пропишани во Конвенцијата од страна на различните чинители, а во правец на нејзина поуспешна имплементација во праксата и поддршка на независното живеење на лицата со попреченост во заедницата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека при подготовка на законските решенија владините институции секогаш треба да ги имаат во предвид потребите на лицата со попреченост.

„Владата на Република Македонија континуирано работи во правец на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и тоа е видливо во развојот и унапредувањето на самите сервиси на локално ниво, но и креирањето на нови услуги. Веќе е основано телото за имплеметанција на Конвенцијата при Владата на РМ, а очекуваме и брзо формирање на телотото за мониторинг при Народниот правобранител. Наш приоритет останува и понатаму бескомпромисно почитување на начелата од Конвенцијата на сите нивоа помеѓу сите чинители“ – изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

В.д постојаниот координиратор на ООН и претставник на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека на глобално ниво околу 10 % од населението е со попреченост.

„Агенциите на ООН во државата здружно работат со владините институции во правец на имплеметанција на конвенцијата. Во земјата постои одреден напредок, но има уште многу да се направи. Би сакале да видиме општество во кое сите имаат еднакви можности да ги остварат своите потенцијали, да се вработат и да живеат достоинствен живот во своите заедници. Исто така, многу важно е да се обезбеди рано откривање на деца со попреченост и да им се овозможи непречен пристап во редовниот образовен процес. Сите луѓе со попреченост во текот на целиот живот имаат право за исполнет достоинствен живот и да ги уживаат сите права“, потенцираше Бенџамин Перкс, в.д постојан координиратор на ООН и претставник на УНИЦЕФ. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е усвоена од Генералното собрание на ООН во 2006 година, а во 2011 година е ратификувана од Владата на РМ.