25/04/2024
Македонија

Отворањето на двата објекти за фитосанитарна и ветеринарна инспекција на граничниот премин Блаце гарантираат унапредување на безбедноста на храната

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар и директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Зоран Атанасов, денеска официјално ги отворија објектите за ветеринарна и фитосанитарна контрола на граничниот премин  Блаце.

Изградбата на овие два објекта е финансирана и спроведена преку ИПА 2 Програма за 2015 година на Европската Унија. Проектот е во вредност околу 790 илјади евра.

На свеченото отворање на објектите, премиерот Зоран Заев изрази благодарност до Европската Унија и до Делегацијата на Европската во земјава и порача дека  реализацијата на проектот е од големо значење, но особено драгоцено е што ова поддршка за граѓаните на нашата земја е уште еден придонес кон најблагородниот исход од акциите на ЕУ – пријателството и поддршката за нашата аспирација, членство во Европската Унија.

Современите услови за работа и технолошки најмодерната опрема ќе обезбедат навремено и квалитетно спроведување на контролите на пратки кои се увезуваат или транзитираат во Република Македонија преку овој граничен премин, согласно најновите ЕУ стандарди, а  во интерес на здравјето на граѓаните.

„Секое заедничко остварување е значајно, и пријателството кое го сведочиме секој ден е силно охрабрување и поттик дека сме на вистинскиот пат и дека постапуваме на вистинскиот начин. Со датумот за преговори утврден за јуни идната година, Владата на Република Македонија влезе во процес со искреност и одлучност да покаже дека ќе се соочиме со секој предизвик до тогаш и дека ќе испорачаме резултати. Овој процес ги вклучува и натамошните реформски зафати кои и понатаму имаат поддршка преку ИПА програмата, како дел од целокупниот подготвителен процес за идното членство на Република Македонија во Европската Унија“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерот Николовски порача дека изградбата на двата објекта е чекор напред во приближувањето кон Европската Унија, исполнувајќи ги највисоките стандарди во областа на трговијата и безбедноста на храната и здравјето на растенијата.

„Унапредувањето на националната политика за интегрирано гранично управување ја креираме водејќи сметка за развој на економијата согласно потребите на бизнис заедницата. Континуирано работиме на прилагодување на земјоделскиот сектор кон европските стандарди и на негова модернизација со цел исполнување на највисоките стандарди за безбедност на храната, здравјето на растенијата и исполнувањето на еколошките стандарди како еден од приоритетите на Унијата. Осовременувајќи го производството и трговијата, ја зголемуваме и конкурентноста на стопанството во целина“,  изјави министерот Николовски.

Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар изјави дека пуштањето на употреба на овие гранични инспекциски згради, се приоритет за безбедноста храната за граѓаните.   

Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, појасни дека објектите се дизајнирани и изградени согласно највисоките стандарди и одобрени од инспекциската служба на Европската Унија. На граничните ветеринарни и фитосанитарни инспектори им се обезбедени услови за вршење на своите секојдневни задолженија во соодветни услови и во согласност со стандардите на ЕУ.