24/04/2024
Македонија

Панел дискусија на тема: „Реформи, референдум и евроатлантски интеграции на Република Македонија“ во Министерството за надворешни работи

Денес, 21 септември 2018 година во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, се одржа панел-дискусија на тема: „Реформи, референдум и евроатлантски интеграции на Република Македонија“ на која учествуваа поранешниот Специјален пратеник на ЕУ во РМ, Амбасадорот Ален Ле Роа и актуелниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Француската Република, Кристијан Тимоние.

Воведно обраќање на панелот имаше Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Амбасадорот Виктор Димовски кој се осврна изминатиот едногодишен период, оценувајќи го како интензивен и значаен. Притоа нагласи дека активностите на новата реформска Влада на РМ се одвиваа на два паралелни колосека: спроведување на длабоки и одржливи внатрешни реформи во владеењето на правото и градење на независни институции, како и обновување на македонската позиција во меѓународните односи, примарно преку унапредување на добрососедските односи. „Фокусот денес е на референдумот, кој се смета за историска раскрсница за Македонија и историска шанса граѓаните да учествуваат во дизајнирањето на нивната иднина”, истакна Државниот секретар Димовски.

Во своето обраќање, Амбасадорот Ален Ле Роа, нагласи дека Република Македонија се наоѓа пред историски момент и одлука, како и пред историски крстопат и дека официјален Париз цврсто стои зад евроатланстките и европските интеграции на нашата земја. Посочи, дека Договорот од Преспа, како и секој друг меѓународен договор, не е совршен, но отвора можности и перспективи за напредок на земјата. Направи споредба со Елисејскиот Договор, што во почетокот на 1963, го потпишаа челниците на Франција и на Германија. Договорот тогаш наидувал на критики, но, од денешна перспектива, се покажа како визионерски чекор, што овозможи двете земји, но и цела Европа, да тргнат кон мир, напредок и благосостојба.„Оттука, кон Договорот од Преспа треба да се гледа како историски и визионерски чин, што отвора широки хоризонти, со потенцијал да се искористат отворените перспективи и можности за Република Македонија”, нагласи Амбасадорот Ле Роа.

На панел-дискусијата присуствуваа претставници од државните институции, од медиумите и од невладините организации, како и претставници од академската јавност.