23/04/2024
Македонија

Пензискиот систем е стабилен и одржлив е заклучокот од седницата на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем

Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, денеска ја оддржа првата седница од изборот на оваа Влада, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како новa претседателка на ова тело.

На денешната седница, членовите на Советот беа информирани за работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и состојбата на пензискиот систем во 2021 година, како и за предлогот на Владата за измена на методологијата за усогласување на пензиите.

На седницата беше потврдена стабилноста и одржливоста на пензискиот систем и остварените резерви во висина од 1.3 милијарди денари во Фондот за ПИОМ. Притоа се дискутираше и за промената на методологијата за усогласување на пензиите, за што беше одржана претходно средба со претставниците на пензионерите.

Министерката Тренчевска информираше за отворањето на социјалниот дијалог со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери како претставници на пензионерите и можностите за промена на методологијата за усогласување на пензиите.

„Целта е да воспоставиме системско решение, на долг рок. Новата методологија треба да обезбеди континуиран раст во иднина, без потреба од дополнителна интервенција од страна на институциите. Нашата цел е воспоставување на систем, кој обезбедува сигурност и извесност,“рече Тренчевска.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека свикувањето на советот треба да биде редовна пракса. Тој се осврна на промената на критериумите за минимална плата која беше направена неодамна и отворањето на дискусијата со пензионерите за промена на методологијата во усогласување на пензиите.

Министерката истакна дека мислењето на Советот е особено значајно во поглед на креирањето на мерки и измени во законските решенија кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на пензионерите.
 Со оглед на тоа дека, денешната средба беше прва и повеќе насочена кон запознавање и отворање на дискусија, подолга и подетална средба на советот беше договорена да се реализира до крајот на овој месец.