20/04/2024
Македонија

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај – Меѓународниот Ден на слободата на медиумите

По повод 3 Мај – Меѓународниот Ден на слободата на медиумите, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ја упати следната порака:

„На 3 Мај, Меѓународниот Ден на слободата на медиумите, им оддаваме почит на сите професионалци, новинари и медиумски работници кои без разлика на сите предизвици се на страната на јавниот интерес и чија посветеност ја носи вистината до граѓаните.

Важноста на улогата на новинарите и медиумските работници е особено голема во време на неизвесност, криза или конфликти. Во сегашната пандемија од коронавирусот, кога најголем дел од граѓаните се заштитени во своите домови, новинарите и медиумските работници секојдневно се ангажирани со цел да обезбедат брза и точна информација. Паралелно со пандемијата на вирусот ни се случува и пандемија од лажни вести, затоа во овие вонредни околности од круцијално значење е нивната професионалност и објективност.

Истовремено, за да поттикнат дебата за значајни прашања и да бидат показател за зрелоста на една демократија, медиумите треба да бидат ослободени од страв и од клиентелизам, остварувајќи го едно од фундаменталните човекови права, слободата на говор.

За да се развива независно и професионално новинарство, треба да обезбедиме подобри услови за работа, да ги унапредиме синдикалните права, да ја зголемиме безбедноста, заштитата на новинарите и медиумските работници и да ги ослободиме од економска зависност и од политички влијанија. И секако, уште повеќе да ги отвораме институциите – транспарентноста придонесува граѓаните да го остварат своето право на слободно и навремено информирање.“