20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски избраа да останат на мрачната страна на историјата, но ние тргнуваме силно – никој не може да ја сопре Македонија да успее, и ќе успее!

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, веднаш после лидерската средба пред претставниците на медиумите и за јавноста на Република Македонија ја даде следната изјава која ви ја пренесуваме во целост:

Почитувани граѓани,

Македонија е одлучна за својата иднина во НАТО и ЕУ и никој не може да ѝ застане на патот.

Јас знам дека сте уморни од политички кризи, од препукување меѓу партиите, знам дека ви е доста од поделби и омрази. Знам дека искрено сакате барем еднаш да нѐ видите сите заедно да работиме за подобро утре за сегашните и идни генерации.

За жал, Христијан Мицкоски не успеа да го препознaе моментот. Наместо да се качи на возот кој брза кон ЕУ и НАТО, тој избра да остане на мрачната страна на историјата.

Денес ги извадивме работите на виделина. После третата лидерска средба сѐ стана јасно. Треба на сите да им е јасно, Христијан Мицкоски срамно лаже кога тврди дека на ова раководство на ВМРО ДПМНЕ му биле важни изборот на ДИК со 2/3 мнозинство, техничката влада за следните избори или законот за финансирање на политичките партии.

Христијан Мицкоски лаже дека сака Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО, лаже дека сака правна држава, лаже дека се бори за чесен референдум.

Почитувани граѓани,

Мицкоски денес се обиде да ги прикрие своите вистински намери. Откако виде дека не постои ниту минимум шанса да се согласиме воопшто да разговараме за директна или индиректна амнестија, денес беше принуден декларативно да се откаже од неговата срамна цел по секоја цена да издејствува спас за неговите ментори и колеги.

Меѓутоа, Христијан Мицкоски денес разговараше без намера да се договори. Неговата единствена цел денес беше ако веќе нема амнестија тогаш нема да има ниту договор.

Јавноста мора да знае. Христијан Мицкоски денес одби избор на ДИК по услови кои тој ги бараше. Доби Закон за финансирање на политички партии со неговите предлози вклучени во текстот, одби и техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори.

Сето ова го добиваше во пакет, со единствениот услов кој требаше јавно да го исполни. Да ги повика гласачите и поддржувачите на ВМРО ДПМНЕ да излезат на претстојниот референдум и да гласаат по сопствено убедување.

Христијан Мицкоски одби да се откаже од својата намера со бојкот да ги уништи ЕУ и НАТО перспективите на граѓаните. Што и да зборува понатаму на сите им е јасно која е неговата вистинска цел, а тоа е Македонија да не успее!

Нам совеста ни е чиста! Пруживме рака и до крај се обидовме да го убедиме раководството на ВМРО ДПМНЕ дека во овие историски моменти треба бидеме заедно! Обединети во остварувањето на стратешките определби на нашите граѓани.

Партијата која една деценија се крсти во референдум како нивна програмска определба, денес неодговорно избега!

Значи, Мицкоски вели граѓаните се со него, а не сака чесно да им даде избор. Мицкоски вели сака во ЕУ и НАТО, а не сака да поддржи ниту еден чекор кон таа цел.

Јас да ви кажам: Мицковски не знае што сака.

Ја користам приликата да им се обратам и на сите чесни членови на ВМРО ДПМНЕ. Вам вратата ви е отворена, исто како што е отворена вратата за успех на цела Македонија и за успех на сите граѓани. Направете го вистинскиот избор. Татковината ќе ја биде. Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а македонскиот народ вечно ќе биде македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик.

Сакам јасно и прецизно да порачам! Јас, Зоран Заев и сите ние кои сме рамо до рамо заедно на овој пат, нема да дозволиме актуелното раководство на опозицијата да ја држи и понатаму Македонија во заложништво!

Ние сме за напредна, просперитетна и Европска Македонија. Ние, огромното мнозинство за ЕУ и НАТО сме овде, а оние другите избраа да останат осамени и заглавени во своето црно минато.

Ова беше уште една можност за Мицкоски и за ова раководство на ВМРО ДПМНЕ да застане зад македонските национални интереси. Од сега па натаму нека им суди историјата за нивните срамни дејствија.

Јавноста нека биде спокојна. Тргнуваме силно и никој не може да нѐ сопре. Како никогаш порано, одлучни и решителни, Македонија да успее! И ќе успее!

Ќе има и Државна изборна комисија, ќе има и референдум и ќе победи волјата на граѓаните. Бидете сигурни во тоа.

Коалицијата која е за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО ве уверува во тоа!