29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев го започна учеството на Бледскиот стратешки форум посветен на иднината на Европа

Претседател на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев го започна учеството на Бледскиот стратешки форум кој оваа година е посветен на темата „Иднината на Европа“.

Премиерот Заев во Блед беше пречекан од претседателот на Владата на Република Словенија Јанез Јанша, по што заедно се упатија на првиот лидерски панел на кој свое обраќање имаше претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев со свој активен придонес ќе учество на попладневниот лидерски панел „Иднината на Европа – Проширувањето“ на кое воведно обраќање ќе има претседателот на Република Словенија Борут Пахор.

На овој панел учествуваат и комесарот за соседство и проширување на Европската унија Оливер Вархеји, претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит, како и премиерите на Словенија, Јанез Јанша, на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, на Косово, Албин Курти, на Полска Матеуш Моравјецки, на Албанија, Еди Рама, претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ,  како и претседателите на Молдавија Маја Санду и на Бугарија, Румен Радев.

На годинешниот Бледски стратешки форум во Словенија, во останатите панели ќе учествуваат и многу други шефови на држави и влади од регионот и пошироко од Европа,  официјални највисоки претставници на институциите на ЕУ, како и на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.

Во рамките на својата програма за време на форумот, премиерот Заев ќе има и неколку билатерални средби со дел од учесниците на Бледскиот стратешки форум.