19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев испрати писмо со сочувство за смртта на првоборецот и генерал полковник Тодор Атанасовски

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, испрати писмо со сочувство за смртта на генерал полковник и првоборец Тодор Атанасовски до неговото семејство, во кое се вели дека „длабоко нè погоди веста за смртта на уште еден од големите луѓе, великани на македонската државност и независност“.

„Генерал полковник Атанасовски беше еден од оние великани со силна морална константа и живот доследен на неговите највисоки професионални етички принципи и пример за многу генерации. Горди сме што бевме дел од времето на неговиот активен, длабоко рационален и разумен придонес во пресудните моменти од современа Македонија. Неговиот глас на разум, кога напаѓаа стихиите на злото, отвораше излезни перспективи.

Ќе ни недостига генерал полковник Тодор Атанасовски. Ќе ни недостига неговата мисла кога велеше дека секоја демократија е автентична и дека треба сами да ја градиме, а не да преземаме туѓа“, се вели во писмото со сочувство за смртта на генерал полковник Тодор Атанасовски.

Премиерот Заев уште пишува дека „ќе ни недостига првоборецот кој рече: Македонија може да излезе од сегашната криза, ако ја прифати филозофијата на борците од 1941 година – „Македонците ништо не може да направат за себе, ако тоа не го направат и за другите. И другите етнички ентитети не може ништо да направат за себе, ако тоа не го направат и за Македонците!“ – Вечна му слава“, се вели во писмото со сочувство за смртта на првоборецот и генерал полковник Тодор Атанасовски.