28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев и Заменикот државен секретар на САД, Саливан на прашања на новинарите на прес-конференција

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Заменикот државен секретар на САД, Џон Саливан, кој се наоѓа во работна посета на Република Македонија, по што одржаа прес-конференција, на која одговараа на новинарски прашања кои ви ги пренесуваме во целост.

Прашање: Доколку помине процесот во Македонија, колку е извесно дека ќе помине во Грција, со оглед на превирањата во грчката Влада околу Преспанскиот договор и најавата на господинот Каменос дека ќе ја напушти владата. Колку е извесно дека тоа тесно малцинство во грчкиот Парламент ќе го усвои Договорот и што доколку не се случи такво нешто?

Заменикот државен секретар на САД Саливан: Тоа е спогодба со две страни. Би сакал да нагласам дека е тоа спогодба постигната од два храбри лидери на две земји. Соединетите Американски Држави цврсто веруваат во спроведувањата на Преспанската спогодба. Помпео, (американскиот државен секретар Мајк Помпео, н.з) минатата недела се сретна со грчка делегација, како дел од нашиот Стратешки Дијалог со Грција, и ја нагласи важноста на спроведувањето на Спогодбата за двете земји, како за Македонија, така и за Грција. Спроведувањето на оваа Спогодба е важна за просперитетот на двете земји, и Грција и Македонија. Повторно сакам да го нагласам храброто лидерство што го покажаа двајцата премиери на Македонија и на Грција. Спогодбата, што двете земји ја постигнаа во полза на своите земји и на регионот, е нешто што Соединетите Држави со гордост го поддржуваат и што е главната причина за мојата денешна посета.

Премиерот Заев: Најсериозна гаранција за успешноста на процесот е, инклузивноста на самиот процес преку кој што активно учество земаат голем број на пратеници. Не само осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку и другите пратеници. Ова беше потврдено уште при самата дебата за утврдување на потребата за отворање на уставните промени, каде што беа вградени буквално сугестиите на осумте пратеници. Во втората фаза исто така, кога се зборуваше за  Нацрт-амандманите, и еве во оваа трета фаза, видовте излеговме со амандмани, каде што буквално е вградено скоро сè што беше во духот на Договорот, а беше предложено од опозицијата и од македонските партии, но и од албанските политички партии. И тоа е најсериозната гаранција. Се надевам дека најголем дел од тоа е прифатливо за да ги подобриме самите уставни промени кои што се случуваат во Македонија, а уште еднаш бидат сериозна потврда за зголемувањето или одржувањето на најмалку двотретинското мнозинство, кое што е неопходно, некаде средината на јануари да ги даде последните поддршки на уставните промени во Македонија.

Прашање: Гледаме сè повеќе непријателска реторика кон Македонија, како што напредува процесот за спроведување на Преспанската спогодба, дали сметате дека е ова под руско влијание, со оглед на тоа што Русија отворено се спротивстави на Преспанската спогодба?

Заменикот државен секретар на САД Саливан: Горд сум, што од името на САД сум тука во поддршка на она што Владата на Македонија и граѓаните на Македонија го посакуваат, а тоа е прием во НАТО и во ЕУ. САД ја поддржуваат оваа Влада и нејзините напори да го остварат тоа, вклучувајќи ја и Спогодбата од Преспа. Јас со гордост го поддржувам тоа, САД со гордост го поддржува тоа. Ние го поддржуваме тоа, не потпалуваме ништо. Овие одлуки беа донесени под храброто лидерство на овој премиер. Не е тајна дека владата на Русија се спротивставува на членството на Македонија во НАТО и може слободно да се каже дека Русија ќе направи сè што е во нејзин сопствен интерес за да го поткопа она што Владата и граѓаните на Македонија го утврдиле како најдобар интерес за оваа земја. Меѓутоа, САД ја поддржуваат Македонија.

Нема да биде изненадување за никого овде ако кажам дека Русија се спротивставува на патот што Македонија го има избрано, и ќе ги примени сите расположливи средства за да го поткопа тоа. Ова го гледаме и во други делови од Европа, ова го видовме за време на изборите во САД во 2016. Значи не сме изненадени, но уште еднаш сакам да нагласам, дека САД се тие што ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат нејзината храбра влада и луѓето во Македонија, а ќе им помогнеме и на другите кои се обединети во поддршката кон оваа Влада да се спротивстави и да го разоткрива штетното влијание на Русија во Македонија, во другите делови од регионот и Европа, и секаде каде се обидуваат да ги поткопаат легитимните демократски процеси на владите кои прават одлуки во интерес на своите граѓани, така како што прави Македонија. Ќе ги поддржуваме тие влади и ќе правиме сѐ што е во наша можност да се спротивставиме на тоа штетно влијание и да го изнесуваме на виделина.