29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерката Царовска на работен состанок со Сојуз на Синдикати на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски денеска во Владата на Република Македонија остварија работен состанок со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски и со претседатели на синдикати членки на ССМ од приватниот и јавниот сектор.

Во рамки на овој работен состанок се отвори конструктивна дебата за намдинивање на проблемите и состојбите со кои се соочуваат синдикатите, а се разговараше и за законските одредби од новиот Закон за работни односи чијашто цел е да ги унапреди работничките права и безбедност при работа, правата на работниците за синдикално организирање и начините за утврдување на репрезентативноста на постоечките синдикати кои ги застапуваат работничките права и обврски.

Премиерот Заев порача дека Владата на Република Македонија останува цврсто на определбите да работи за унапредување на работничките права заедно во консултација и партнерски однос со работниците и работодавачите. Во таа насока премиерот Заев рече дека политиките за зголемување на платите кои продолжуваат и со Буџетот за 2019 се значаен чекор за подобрувањето на животниот стандард на работниците.

Тој посочи дека синдикатите мора да бидат будното око за правата на работниците и за таа цел мора да се работи на зајакнување на синдикалното организирање.

Ваквиот конструктивен пристап на соработка и отворена дебата помеѓу Владата на Република Македонија и синдикатите кој ќе продолжи и во иднина беше оценет како исклучително важен за унапредување на социјалниот дијалог.