16/04/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерот за финансии Тевдовски се обратија на конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку вложување во човечкиот капитал во Западен Балкан“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска, се обратија на Конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку вложување во човечкиот капитал во Западен Балкан“, организирана од Министерството за финансии, по повод јубилејот – 25 години соработка на Република Македонија со групацијата Светска банка.

„Светската банка е наш партнер кој го поддржува развојот и напредокот на Република Македонија цели 25 години. Во рамки на тоа партнерство, Светската банка помогна да се изградат многу нови патишта, училишта, градинки, да се подобрат општинските услуги, да се подобри квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, истакна премиерот Заев, честитајќи го денешниот јубилеј.

​​​

Премиерот Заев порача, дека целта на Владата е преку спроведувањето на економските политики, да биде почувствуван финалниот ефект директно од секој граѓанин како остварена економска корист или право, со подигнување на животниот стандард на граѓаните.

„Заедно со Светска банка работиме на креирање на нова стратегија ‘Country Partnership Framework 2019–2023’ која опфаќа 35 проекти од областа на здравството, транспорт и врски, социјална заштита, труд и социјална политика, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, земјоделство и јавни финансии“, рече премиерот Заев додавајќи дека во рамки на партнерството само за регионални патишта се предвидени 70 милиони евра, кои од 2019 година ќе бидат ставени на располагање на Министерството за транспорт и врски.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во својот говор, оцени, дека изминатите години инвестициите во човечкиот капитал во земјава не биле доволни не треба да се гледаат како трошоци.

„Станува збор за вложувања кои ќе имаат принос на долг рок. Во таа насока почнавме да издвојуваме повеќе средства за овие сектори. Во Буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе во однос на 2017 година за социјална и детска заштита, образование и здравство. Тоа е зголемување за околу 1,5 процентни поени од БДП. Оваа година издвоивме средства за покачување на платите во здравството, образованието и детската грижа. Ова беше неопходен чекор. Во некои сектори платите не беа коригирани со години и уште се на ниско ниво. Ова се одразува на квалитетот на работата, како и на одливот на квалитетни кадри. Во Буџетот оваа година издвоени се и досега најмногу средства за активните мерки за вработување. Преку овие мерки, граѓаните што бараат работа можат да се стекнат со вештини и знаења кои соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот“, рече министерот Тевдовски.

Како претставник на групацијата на Светската банка, која е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој, се обрати Сирил Мулер, заменик претседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија. Тој ја истакна потребата од квалитетното образование, кое започнува уште на предшколска возраст и придонесува за создавање на поефективен човечки потенцијал. Исто така, претставникот на Светска банка подвлече дека поактивното работење во областите на поттикнување на вештините и образованието ќе придонесе да се трансформира регионот на Западен Балкан во насока на произведување на човечки капитал, кој ќе се труди да остане во својата земја наместо својот просперитет да го бара надвор.

Во рамки на Конференцијата, на која присуствуваа и членови на Владите на земјите на Западен Балкан, домашни и странски експерти и научници, беа претставени и две презентации. На темата „Човечкиот капитал го раздвижува економскиот раст“ говореше Хари Патрионс, менаџер за едукација во Светската Банка, додека Кем Мит, менаџер за социјална заштита во групацијата, пред присутните ја претстави презентацијата „Важноста од раното инвестирање“, по што следеше отворена дискусија на главната тема на конференцијата.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска ја имаше честа да ја отвори конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку вложување во човечки капитал“ организирана од Министерството за финансии по повод 25 годишниот јубилеј од соработката со Светска банка. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

„На самиот почеток би сакал да го честитам значајниот јубилеј – 25 години долгогодишна плодна соработка помеѓу Светска банка и Република Македонија.

Светска Банка е наш партнер кој го поддржува развојот и напредокот на Република Македонија цели 25 години. Во рамки на тоа партнерство Светска банка помогна да се изградат многу нови патишта, училишта, градинки, да се подобрат општинските услуги, да се подобри квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.

Денеска на оваа конференција организирана од Министерството за финансии ќе се отворат значајни теми за вложувањето во човечкиот капитал – луѓето како предуслов за подобрувањето на квалитетот на живот, но и како значаен поттик за економски раст на државата. Тој концепт станува општо прифатен тренд во светски рамки.

Заложбите на Владата на Република Македонија се токму во тој правец – еднакви можности за сите – секој граѓанин е важен.

Целта што сакаме да ја постигнеме е финалниот ефект од спроведување на економските политики, да биде почувствуван директно од секој граѓанин како остварена економска корист или право, што во крајна линија треба да се рефлектира како подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Веруваме дека економски стабилни семејства и граѓани се силен столб на едно општество кои понатаму, преку својата работа, таленти и труд можат да придонесуваат за раст и развој на општеството. Оттаму тоа се нашите цели кои сакаме да ги постигнеме.

За остварувањето на овие цели поддршката што ни доаѓа од Светска банка е исклучително важна. Заедно со Светска банка работиме на креирање на нова стратегија Country Partnership Framework 2019 – 2023 која опфаќа 35 проекти од областа на здравството, транспорт и врски, социјална заштита, труд и социјална политика, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, земјоделство и јавни финансии.

Во рамките на ова партнерство само за регионални патишта се предвидени 70 милиони евра, што од 2019 година ќе му бидат ставени на располагање на Министерството за транспорт и врски.

Денеска, на овој значаен 25-годишен јубилеј од соработката со Светска банка и во духот на темата којашто ја отвораме на оваа конференција беше презентиран договорот потпишан помеѓу Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за финансии и Светска банка во висина од 30 милиони евра за детска и социјална заштита.

Мора да ги заштитиме децата. Тие се нашиот влог и капитал на иднината. Мора да им обезбедиме достоинствени услови за живот на оние што ги немаат и да им овозможиме еднакви стартни основи за успех во животот.

Образованието мора да се реформира и да понуди квалитетна образовна програма која ќе ги искористи и дополнително ќе ги унапреди потенцијалите и талентите на нашите деца, за да израснат во подготвени и спремни кадри за пазарот на трудот.

Првите чекори се направени во тој правец, укинато е непотребното екстерно тестирање, зголемени се платите во образованието за 5% и подготвен е Законот за основно образование.

Здравството и образованието се темелите на општеството.

Грижата за здравјето на граѓаните мора постојано да се унапредува. За да ги зачуваме нашите лекари и здравствени работници во Македонија од овој септември ги зголемивме платите на 19.123 вработени во јавните здравствени установи за 5 отсто.

Зголемување на платите на здравствените работници ќе продолжи и со Буџетот за 2019 година. Платите во здравството се зголемија и преку зголемување на надоместокот за дежурства. Вкупната сума на пари којашто докторите ја земаат, по зголемувањата на примањата кои што докторите ги добиваат за дежурства и ноќни смени, зголемени се за 30 до 40 отсто.

Дополнително направени се значајни вложувања и инвестициите во нова медицинска опрема и нови лекови, како и подобрувања на процесите на едукација.

Важно е да продолжиме да ги усовршуваме овие процеси и да ги унапредуваме. Не може нешто што не функционирало, преку ноќ да се смени, но може многу да се поправи и да се подобрува.

Затоа ваквите конференции, кои отвораат нови аспекти, се исклучително значајни. Важно е да дебатираме за вака клучни економски теми кои ги засегаат нашите граѓани.

На самиот крај уште еднаш да го честитам значајниот 25 годишен јубилеј на соработка помеѓу Светска банка и Република Македонија. Јас силно верувам дека во иднина од нашата соработка ќе произлезат многу успеси и позитивни резултати на кои ќе се гордееме.“