25/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на конститутивната седница на Националното Координативно тело за правата на лицата со попречености

Претседателот на Владата на Република Македонија,  Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и Координаторот на Националното координативно тело за лица со попречености, Спасе Додевски, денеска се обрати на Конститутивна седница на Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија при Владата на Република Македонија.

Поздравувајќи ги присутните, премиерот Заев рече дека овој свечен чин и обврска доаѓа како следен важен чекор во воспоставувањето на националната организациона структура за реализација на принципите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, што нашата земја ја ратификуваше во 2011 година. 

Во таа насока, премиерот Заев посочи дека целта за формирањето на ова Националното Координативно тело е, преку донесување извршни одлуки, решенија и акционен план, да се унапреди, заштитата и целосно да се обезбедат сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост.

„Ја користам оваа можност и да ги повикам сите општествени институции, граѓанските организации за грижа за лицата со попреченост, сите поединци и сите лица со попречености, да бидат дел од него и  да го поддржат овој процес. Да станат стратешки сојузници за остварување на правата на лицата со посебни потреби“, рече премиерот Заев.

Тој, во своето обраќање додаде дека само со заедничка работа на остварување на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост ќе изградиме општество кое ги вклучува сите луѓе.

Министерката Царовска, во својот говор пред присутните нагласи дека треба да се научиме да ги слушаме потребите на лицата со попреченост, да комуницираме отворено за сите прашања, и врз основа на нивните потреби заеднички да ги креираме политиките и мерките. 

„Пред нас како Влада и Министерства се исправени многу предизвици во унапредувањето на правата на лицата со попреченост. Процесот за деинституционализација којшто е во тек, со себе носи и развивање на здравствено-социјални сервиси за лицата со попреченост во локалните самоуправи. Со овие процеси треба да се прилагодат и образовниот систем и пазарот на трудот со што ќе се овозможи овие лица да се вклучат во заедницата и секојдневието. Во тек се активности за развој на индивидуалните сервиси како персоналната асистенција, помош и  нега во домот, асистенцијата во настава, работниот асистент, рехабилитацијата и многу други кои започнавме да ги развиваме оваа година“, рече Царовска.

Координаторот на Националното координативно тело за лица со попречености, Спасе Додевски, истакна дека ова тело ќе претставува извршен механизам за имплементација на принципите зацртани во конвенцијата на ООН и ќе работи на реализација на постулатите за еднаквост. 

„Ова тело ќе има задача одлучно да пристапи кон унапредувањето на сите сегменти на животот и развојот на лицата со попреченост во Република Македонија, преку директна интервенција во законските и подзаконските акти и регулативи и нивна имплементација во соработка со државните и странски институции и организации согласно европските и светски принципи за оваа област и конвенцијата на ООН за правата на лицата со попречености“, рече Додевски. 

Во рамките на оваа конститутивна седница присутните имаа можност низ дискусија да ги искажат своите ставови и предлози за функционирањето на ова новоформирано тело при Владата на Република Македонија.

Во текот на дискусијата присутните изразија благодарност кон искажаната политичка волја од страна на Владата, за разлика од претходно, за вклучувањето на потребите на лицата со попречености во креирањето на социјалните политики кои се однесуваат на нив. 


Претседателот на Владата на Република Македонија,  Зоран Заев, денеска се обрати на Конститутивна седница на Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија при Владата на Република Македонија.

Поздравувајќи ги присутните, премиерот Заев рече дека овој свечен чин и обврска доаѓа како следен важен чекор во воспоставувањето на националната организациона структура за реализација на принципите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, што нашата земја ја ратификуваше во 2011 година.

Во продолжение на своето обраќање тој додаде:

Дозволете ми да започнам со изрази на благодарност за поканата да бидам дел од овој свечен момент – од основањето на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија.

Овој свечен чин и обврска доаѓа како следен важен чекор во воспоставувањето на националната организациона структура за реализација на принципите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, што нашата земја ја ратификуваше во 2011 година.

За жал, претходната владина гарнитура не покажа доблест да го започне спроведувањето на одредбите од Конвенцијата чија првенствена цел е:

Да воспостави рамка, вклучувајќи и независни механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето на оваа Конвенција;

Да врши координација и насочување на институциите, во процесот на спроведувањето, и да предлага и доставува мислења за законски и подзаконски акти во склад со начелата на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост; и

Да ја подигнува свеста за правата на лицата со попреченост во пошироката јавност, како и свеста за значењето за имплементација на Конвенцијата.

Уште повеќе, кажано со само неколку суштински зборови: Она што не обединува како општество и како одговорни поединци во него е – Никој да не биде запоставен. Сите се еднакви во спроведувањето на Конвенцијата.

Во таа насока, целта за формирањето на Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија при Владата на Република Македонија е, преку донесување извршни одлуки, решенија и акционен план, унапредување, заштита и целосно обезбедување за еднакво уживањето на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост.

Сакам да нагласам дека како Претседател на Владата на Република Македонија, и како прв министер, ќе се залагам да се прифаќаат и афирмираат одлуките на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија.

Како и досега, оваа  владина гарнитура и понатаму ќе покажува достојно лидерство и посветеност кога се во прашање нашите сограѓани со попреченост и ќе продолжиме  со развојот на поефикасни и инклузивни можности и практики за да ја исполниме нашата заедничка цел да не оставиме никој зад себе.

Ја користам оваа можност и да ги повикам сите општествени институции, граѓанските организации за грижа за лицата со попреченост, сите поединци и сите лица со попреченост, да бидат дел од него и  да го поддржат овој процес.

Да станат стратешки сојузници за остварување на правата на лицата со посебни потреби.

Сите ние заедно – Владата и нејзините институции, и лицата со попреченост – имаме незаменливи улоги во остварувањето на правата на лицата со посебни потреби.

Само ако работиме заедно на остварување на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост ќе можеме да изградиме општества кои ги вклучуваат сите луѓе, и кои на тој начин ќе ја исполнат големата заедничката цел: Да не оставиме никој зад себе.