19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со претседателот на Алијанса на Албанците, Села

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнето се сретна со претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Средбата помина во конструктивна атмосфера. На состанокот беа реафирмирани заедничките заложби за успешно заокружување на политичкиот процес во Собранието на Република Македонија, со цел евро-атлантска иднина на државата.

Премиерот Заев, по средбата даде изјава за медиумите.

„Драго ми е што успеавме во постигнувањето договор“, рече премиерот Заев.

Претседателот Заев го оцени разговорот со претседателот на Алијансата на Албанците, Села како конструктивен и изрази задоволство што и оваа партија останува на определбите кон НАТО и ЕУ.

Премиерот Заев објасни дека во Преамбулата на Уставот зборот „граѓаните“ ќе биде употребен само еднаш, при што по Македонскиот народ, директно ќе бидат додадени „и дел од Албанскиот народ, Турскиот народ…“, со понатамошно наведување на сите етнички заедници, наместо како досега, со формулацијата „како и“, пред другите етнички заедници.  

Премиерот Заев посочи дека за дијаспората, наместо дијаспората на Македонскиот народ, се додава „и на другите заедници“ и дека со амандман на Уставниот закон се внесува и Косово како петти сосед на нашата држава.

Со тоа, низ прифатените амандмани, како што беше заеднички оценето и во изјавите и на средбата, Алијанса на Албанците е вградена во политичкиот процес на уставните измени со цел реализација на Договорот од Преспа.

Премиерот Заев посочи дека е „важно да се сочува македонскиот идентитет“, како и дека „двете партии, Алијанса на Албанците и Беса остануваат определени кон НАТО и ЕУ, а останува чувството дека тие водат грижа и за македонската етничка заедница и на самоопределувањето како Македонци“.

Претседателот на Владата, Заев, нагласи дека останува посветен на инклузивен процес и во иднина за сите прашања што ги засегаат сите етнички заедници во Македонија.

Тој во одговорите на новинарските прашања објасни и во врска со останувањето на формулациите за државјанството и за јазикот, при што додаде дека станува збор за усвојување амандмани коишто се поврзани со Договорот од Преспа.

„Правно-формално не можеме да го отвориме тоа прашање сега, но времето е пред нас и ќе даде можност за разговори“, одговори премиерот Заев на новинарското прашање во врска посочувањето на Албанскиот јазик во Уставот.

Претседателот на Владата, Заев, рече дека дел од прифатените амандмани се со цел пратениците кои изразија поддршка на Договорот од Преспа, да останат во процесот на усвојувањето на уставните амандмани.

Премиерот Заев на новинарското прашање дали има поддршка од 80 пратеници за гласањето во Парламентот, рече дека тоа ќе се знае на гласањето и дека „редот е пратениците да го кажат својот став“, но дека верува дека ќе има двотретинско мнозинство да се заврши процесот.