29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев: Оптичката мрежа на МЕПСО ќе им овозможи на граѓаните, на јавните служби, и на бизнис заедницата интернет соодветен на стандардите на ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, директорот на МЕПСО, Сашо Василевски и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски денеска беа во работна посета на ТС Струмица 1 каде што се поставуваше заштитно јаже со оптика на далекувод од преносната мрежа на МЕПСО како дел од новите инвестициски програми на МЕПСО.

Премиерот Заев, министерот Манчевски и директорот Василевски дадоа кратки изјави за медиумите.

„Овој настан, овој инвестициски зафат на МЕПСО, е во целосна согласност со политиките на Владата да ги обезбедиме сите неопходни стандарди за нашето членство во ЕУ уште во оваа фаза додека траат преговорите. Дел од тие политики е и остварувањето на стратегијата за дигитализација. Во таа насока, со монтажата на оптичка мрежа во системот далекуводи на МЕПСO, нашата земја го фаќа чекорот со проекциите на ЕУ и создава услови во наредните три години секој наш граѓанин да има пристап до интернет со брзина од најмалку 30 мегабајти во секунда брз широко појасен интернет, и најмалку 50% од домаќинствата да имаат претплатнички договор за пристап до најмалку 100 мегабајти во секунда супер брз или ултра супер брз бродбенд интернет пристап“, изјави премиерот Заев.

Во тој правец Премиерот Заев дополни дека ваквиот инвестициски зафат е исчекор во нашите амбиции да фатиме приклучок со европските стандарди, а целта којашто целиме да ја достигнеме е сите училишта, универзитети, болници, и јавната администрација да се стекнат со симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1 гигабајти во секунда, како и пристап на сите домаќинства до мрежа која овозможува брзина на даунлоуд од најмалку 100 мегабајти во секунда со капацитет за надградба.

„Една таква функционална оптичката мрежа за брз и супер брз пренос на податоци, како јавно добро на државата, ќе обезбеди широк спектар на придобивки за граѓаните, но и за бизнис заедницата во Република Македонија. Треба да се има предвид дека искуствата потврдуваат со зголемување на индексот на дигитализација на секоја земја за 10%, се подига растот на БДП за 1%. Упатувам честитки за иницијативата на МЕПСО, и посакувам успешно заокружување на целиот процес“, соопшти премиерот Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека Република Македонија воспостави централни политики за дигитализација на земјата.

„Во тој контекст го формиравме и ИКТ советот. МИОА го заврши мапирањето на бели зони, за да имаме јасна слика каде државата треба да се инвестира. Целта е сите граѓани независно каде живеат да имаат пристап до брз интернет. МЕПСО е наш партнер во тој процес. Како што и денеска ни беше презентирано, од 24 оптички влакна само 4 се за потребите на МЕПСО. Тоа ќе се одлучи во Националниот оперативен бродбенд план за широкопојасен интернет што треба да биде презентиран до крај на годината. Ова што го правиме заедно со МЕПСО е предуслов и за воведување на трет мобилен оператор. Оваа мрежа е основата и за понатамошни инвестиции во ИКТ сферата“, изјави министерот Манчевски.

Директорот на МЕПСО, Сашо Василевски најави бран на нови инвестиции во преносната мрежа.

„Овој менаџмент на МЕПСО за година и половина отвори инвестициски фронт за реализација на повеќе проекти во преносната мрежа. Паралелно со тоа ја развиваме и оптичката инфраструктура за која цел и сега ја реализираме оваа работна посета. За комплетирање на овој проект поставуваме 200 километри заштитно громобранско јаже во кое е интегрирана оптика на 12 далекуводи, а за да направиме функционална оптичка мрежа ќе набавиме и телекомуникациска опрема. Токму сега сакам да најавам дека наскоро ќе објавиме меѓународен тендер за набавка на телекомуникациска опрема за потребите на оптичката мрежа на МЕПСО“, истакна Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО.