16/04/2024
Македонија

Премиерот Заев: Посетата на канцеларката Меркел на Денот на независноста е инспиративен гест за нашите стремежи да изградиме просперитетно општество со европски вредности

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел одржаа заедничка прес конференција на која говореа за деталите од официјалната посета на германската канцеларка како прва официјална посета на ниво на шефови на влади меѓу двете земји.

Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев:

Почитувана Канцеларке Меркел,
Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Нека е честит Денот на независноста на нашата Република Македонија!

На денешен ден пред 27 години, на 8 септември, граѓаните на Македонија масовно излегоа и гласаа за своја независна, самостојна и суверена држава. Посебна чест имам, во име на Владата и во име на граѓаните, токму на овој ден, за прв пат во историјата на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, да посакам добредојде на еден германски канцелар во официјална посета на нашата држава. Оваа посета денеска е референца кон минатото заради Денот на нашата независност, но и референца кон блиската иднина кон која не кани целиот демократски свет – а тоа е членството во ЕУ и НАТО. 

Јас сум многу благодарен и среќен што имаме сојузници со кои делиме исти вредности, и што Германија е меѓу најсилните поддржувачи на нашиот стремеж да станеме рамноправен член во најсилните и најстабилните семејства во светот, во НАТО сојузот и во Европската Унија. 

Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е пријателска.

Овој гест на канцеларката Меркел е многу инспиративен за нас и ни помага да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности.

Оваа посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните на нашата земја ќе ја изберат иднината. Оваа посета е уште едно охрабрување дека големите сили поддржуваат доследно спроведување на договорот со Грција од двете страни, и потврда дека Договорот ја гарантира македонската иднина и нашето место во ЕУ и НАТО. 

Токму поради тоа, охрабрени сме да направиме историски исчекор.

Почитувана канцеларке Меркел,
Почитувани граѓани,

Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. 

Нема подобра потврда за плодната соработка меѓу нашите држави од фактите. Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 за нашата земја.

Дури 47 отсто од вкупниот извоз оди во Германија. Вредноста на трговската размена достигна нешто повеќе од 3,7 милијарди евра и се надеваме дека уште оваа година ќе имаме 4 милијарди евра трговска размена, ако не и повеќе. 

200 компании од Германија се партнери на македонските компании, и отворија повеќе од 20 илјади работни места тука.

Ги охрабруваме германските компании да продолжат со експанзија на своите бизниси како силна поддршка на нашето партнерство, на нашиот заеднички влог во иднината.

Почитувани,

Република Македонија длабоко ја цени силната поддршка што доаѓа од Сојузна Република Германија за нашите стратешки определби – членството во ЕУ и НАТО.

Секако, нам ни останува домашната задача: да продолжиме интензивно со реформите за да го забрзаме зачленувањето во НАТО и да започнеме со преговори за членство во ЕУ.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на канцеларката Меркел што го иницираше Берлинскиот процес и што Германија е еден од најсилните поддржувачи.

Многу е важно Германија и понатаму да остане посветена на оваа иницијатива, а ние, земјите од Западен Балкан, да испорачаме резултати.

Резултати што ќе одразуваат еден нов, европски Западен Балкан, една нова европска Македонија.

Канцеларке Меркел, ни направивте голема чест со вашата посета токму на нашиот Ден на независноста. Во име на оваа поддршка ќе возвратиме со успешно спроведен референдум на 30 септември.