28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев со делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Комитетот за економија и безбедност на Парламентарното Собрание на НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска ја прими делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Комитетот за економија и безбедност на Парламентарното Собрание на НАТО, кои се во дводневна посета на Република Северна Македонија. 

На средбата во Владата на РСМ, премиерот Заев посакувајќи им добредојде на 12-члената делегација на земјите членки на НАТО, ги информираше за актуелните политички прашања во земјата и за постигнатите резултати во остварувањето на стратешките цели на земјата, пред сé по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и за перспективите на процесот за членство на земјата во ЕУ. 

Премиерот во разговорот со членовите на делегацијата, инаку пратеници во  парламентите на земјите од кои доаѓаат, го истакна позитивниот тек на потпишувањето на Пристапниот протокол, и рече дека очекува до крајот на годината оваа постапка да биде затворена по што Република Северна Македонија ќе стане 30-та, полноправна земја членка на НАТО.

Претседателот на Владата на РСМ Заев ги информираше соговорниците околу имплементацијата на приоритетните реформски цели за зајакнување на демократските капацитети на институциите на земјата согласно стандардите на ЕУ и НАТО, како и за определбата на Владата за целосно спроведување на програма за економски раст.

„Сите земји во нашето непосредно опкружување ги почувствуваа економските придобивки од членството во НАТО. Тие искуства се случуваат и во нашата земја. Минатата година регистриравме рекордна вредност на странските директни инвестиции во висина од 624,5 милиони евра. Во последниот квартал од минатата година оствариме рекорд по квартали во висина од повеќе од 300 милиони евра. Тој период се совпаѓа со нашите уставни промени во земјата кои го најавија сигурното членство во НАТО и ги поттикнаа инвеститорите да вложуваат, бидејќи земјата обезбеди трајна безбедност и сигурност како основна гаранција за нови инвестиции“, рече премиерот Заев на средбата со членовите на делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Комитетот за економија и безбедност на Парламентарното Собрание на НАТО.

Членовите на делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Комитетот за економија и безбедност на Парламентарното Собрание на НАТО на средбата покажаа особен интерес за повеќе прашања, и истакнаа дека средбите и информациите од нивната посета на нашата земја се од извонредно значење за нивната мисија за утврдување на факти, кои ќе бидат дел од извештајот за безбедносните и економските потенцијали на Република Северна Македонија во соработката со земјите членки на НАТО.