18/04/2024
Македонија

Премиерот Заев ја отвори регионалната конференција „Национална економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на регионалната конференција во организација на Ротари клубови на Северна Македонија „Национална економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“ на којашто имаше воведно обраќање. Покрај премиерот конференцијата беше отворена со обраќања на координаторот на Сојузот на Ротари клубови, Зоран Тодоров, амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбец, гувернерот на Дистрикт 1912, Јанез Липац и координаторот на Ротари зоната 19, Маријан Булат.

Ви го пренесуваме со целост обраќањето на премиерот Заев.

„На самиот почеток дозволете ми да се заблагодарам за честа што ја имам да ја отворам регионалната конференција во организација на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија „Национална економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“.

Најнапред сакам да изразам голема почит кон ротаријанската мисија кај нас и секаде во светот којашто претставува благородна движечка сила која ја инспирира заедницата кон хуманост и прогресивност. 

Хуманоста и солидарноста се вредностите што го обединуваат светот и го прават понадежно и подобро место за живот.

Токму заради тоа, вреди заедно да ги почитуваме и да се бориме за овие вредности. Тие треба да бидат наша водилка и секојдневие. Да си помагаме едни со други, да соработуваме, да се разбираме и почитуваме. Само во такви услови, можен е напредокот што сите го сонуваме и посакуваме.

Сојузот на Ротари Клубови во Република Северна Македонија низ годините се наметна како сериозен партнер во исполнувањето на овие заеднички цели кои придонесуваат за фер, солидарно, хумано и едно општество за сите граѓани.

Продолжуваме да го негуваме ова значајно партнерство и одличната соработка кон исполнување на овие наши заеднички благородни цели.

Особено е важно што на оваа регионална конференција ќе се зборува за економијата и предизвиците со кои се соочуваме како земја на интеграцискиот пат кон ЕУ и НАТО бидејќи тоа е врвна стратешка цел на Владата на Република Северна Македонија.

По затворањето на крупните политички прашања, наш врвен приоритет е зајакнување и градење на силна економија, која ќе отвори можности и шанси за сите со цел значајно да се подобри квалитетот на живот на граѓаните.

Пред нас е нов предизвик и голема цел – Република Северна Македонија земја членка на Европската Унија и дел од европското семејство.

Во Европската Унија природно припаѓаме и гравитираме. За да бидеме дел од тој напреден европски свет мора да поработиме на подигнување на стандардите и капацитетите. Очекувањата да добиеме препорака за почеток на преговорите се реални. Треба да знаеме сите дека не чека многу работа за која како Претседател на Владата ве уверувам дека сме подготвени и имаме капацитет да одговориме на сериозните предизвици и задачи кои се очекуваат од нас.

Палетата на огромни можности се отвора за граѓаните и компаниите. Со полноправното членство во НАТО и со започнувањето на преговори со ЕУ се отвора т.н меден месец и треба да го искористиме тој период за бенефит и полза на сите. Движечката сила во нашата економија е стопанството.

Нашите компании ќе имаат можност да ги пласираат своите производи и услуги на европскиот пазар кој брои околу 500 милиони потрошувачи. Затоа, треба да постои свесност и да се подготвеност за сите тие предизвици коишто не очекуваат и да работиме на подигнување и јакнење на стандардите и конкурентноста.

Владата на Република Северна Македонија е тука да го помогне тој процес преку низата мерки за поддршка за развој на конкурентноста преку Планот за економски раст. Интересот кај компаниите за искористување на мерките е огромен и тоа е добар знак.

Јас верувам дека не очекува перспективна иднина.

Но затоа, исклучително е важно сите да одговориме на обврските и предизвиците што не очекуваат и да се вложиме во градењето на силна економија, фер општество и перспективна иднина за доброто на сите и на идните генерации!

Често се зборува за храбрите чекори, за знаењето и креативноста во постигнувањето на овие два значајни договори за Република Северна Македонија, Договорот со Бугарија и Договорот со Грција. Единствена вредност оваа храброст, знаење и креативност имаат ако бидат искористени од знаењето, храброста и креативноста на деловниот сектор, на граѓаните, на вас овде присутните за да донесе полза и бенефит за сите. Јас верувам дека ќе ја искористиме таа одлична историска можност која е пред сите нас.

На самиот крај дозволете ми да посакам успешна дебата на денешната конференција од којашто очекувам многу конструктивни предлози и решенија.“


Во продолжение, Ви ја пренесуваме интегрално изјавата на премиерот Заев за заинтересираните медиуми:

„Задоволство е да се присуствува на вака величествен настан, кој што има богата историја и традиција, а тоа е Ротари клубот од Дистриктот 1912, каде што по повод прекрасна тема, националните перспективи на економијата пред сè во пресрет на членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија.

Целиот овој прогрес, кој што се отвора пред нас, како можност со една прекрасна дебата на деловни луѓе кои што важат за сериозни општественици, хуманисти, кои што носат една благородна мисија со нив, да можат по пат на дебата да изнедрат и да понудат креативни решенија, кои што би биле навистина искористени за перспективите на нашата земја, но и на севкупната регионална соработка која што Ротари клубот пред сè  Северна Македонија, но и Словенија го имаат како децениско искуство вака утврдено повеќе од 90 години. За мене е чест и задоволство да бидам присутен на отворањето на една ваква Конференција.

Овде се присутни високи општественици, наши деловни луѓе, луѓе-хуманисти кои што досега се веќе докажани, а тие впрочем се и дел од онаа огромна движечка сила, која што нашата земја ја има. Главната поента според мене, во моето обраќање беше, тоа што кажав дека и храброста и знаењето и креативноста на постигањето на договорите со соседите, Бугарија и со Грција, на стабилизирањето на работите дома имаат смисла и вредност ако еднакво се искористи креативноста, знаењето и храброста на овие наши деловни луѓе, на нашите граѓани, за да може да донесе тоа полза и перспективи во периодот кој што претстои пред нас.

Верувам дека токму тоа ќе се случи. Се случило во сите земји, кога го поминувале тој пат, ќе се случи и во нашата земја и јас очекувам повеќе да се случува кај нас, заради тоа што навистина блескаме во моментот на регионално и меѓународно ниво, а и дома сите претходни прашања се затворени или подготвени за да може бенефит да биде економијата, а со тоа и граѓаните на нашата земја“.