29/03/2024
Македонија

Премиерот Зоран Заев испрати телеграма со сочувство за смртта на Горан Стефановски

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати телеграма со сочувство за смртта на драмскиот писател Горан Стефановски.

Во телеграмата до семејството премиерот Заев пишува:

Замина нашиот Горан Стефановски.

Нема зборови да ја изразат тагата. Како да ги зеде со себе кога замина зашто тој беше господар на зборовите.

Колекционер на човечкиот гнев, на надежите, подемите и падовите, кои потоа со толку голема љубов ги редеше во своите драмски записи и како од најубави нишки ја плетеше хрониката за нашето време.

Ни откриваше дека неговите драмски ликови се сите лица и илјадниците нијанси на Македонија и ни даваше причини токму заради тоа да ја љубиме уште повеќе.

Неговите рожби, драмските херои на нашето време, заминаа да го испратат на неговото последно патување.

Затоа сега сцената е празна, книгата е на последната страница, а тишината е толку силна и болна.

Но, ќе се вратат, сцената ќе се осветли, а дијалозите на неговите драмски рожби ќе блеснат со сета своја полнота за да говорат за тивкиот човек кој секогаш остана нашиот сосед и лик од нашата улица кој не пленеше сите со својата топла, искрена насмевка.

До тогаш – нека завладее громоболната тишина зашто нема зборови за да ја изразат тагата и сочувството за вашата болка.